• недела, 24 ноември 2024

Заев: Со успешно завршениот попис одржавме европска лекција за одговорниот пристап на граѓаните кон оваа статистичка операција

Заев: Со успешно завршениот попис одржавме европска лекција за одговорниот пристап на граѓаните кон оваа статистичка операција
Скопје, 12 октомври 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев вели дека успешно завршениот попис е европска лекција за одговорниот пристап на граѓаните кон оваа статистичка операција и дека прифаќањето на резултатите веќе е потврдено со искажувањето волја на огромното мнозинство граѓани да се попишат. -Сите граѓани се попишаа. Демократија е, граѓаните го дадоа конечниот збор. Во Бугарија пописот заврши со 82 проценти попишани граѓани, а кај нас се попишаа 99 проценти. Бугарија е европска земја, ние сме земја-кандидат за членство во Европската Унија. Држиме лекција од секој можен аспект, затоа што добро ги поставивме основите, рече Заев во интервју за ТВ Алсат-М. Тој оцени дека по 30 години, кога цело време се создаваа политички тензии, новата Влада која тој ја предводи покажа дека води исправни политики, кои носат резултати, а граѓаните умеат да ги препознаат и да ги отфрлат политиките кои се водеа претходните години само заради власт, заради пари и владеење. -Суштината е во начинот на градењето на политиките. Еве денеска, имаме успешен попис, завршивме голема работа. Ќе можеме соодветно да планираме во државата. Досега во магла се планираше. Ќе знаеме колку деца живеат во еден регион и ќе инвестираме во градинка, нема да имаме тениски игралишта којшто никој не ги користи, оцени премиерот Заев.
Како што наведе, Владата внимателно ги следи економските и енергетските трендови во светот, а државата има доволно капацитети и сите финансиски ресурси стојат на располагање на граѓаните и на економијата. -Стабилна е ситуацијата и тука сме да помогнеме. Во моментот имаме сопствени резервоари на пари. Во овој момент имаме преку 50 милиони евра за да интервенираме ако биде потребно. Во РЕК Битола ги активираме капацитетите на третиот блок за да имаме домашно дополнително производство на струја која не може да чини повеќе од 40-50 евра, а цената на пазарот оди и до 220 евра на берзите, посочи премиерот Заев. Во однос на најавите за раст на инфлацијата, премиерот Заев потенцираше дека таа е контролирачка со монетарната политика на Народната банка и со фискалните политики и мерки на Владата. -Ние сме отворена земја со пазарна економија и тоа што ќе се случува во светот, ќе се случи и кај нас. Но, тоа што треба да го знаат граѓаните е дека како што испорачувавме претходно, така ќе испорачаме и сега. Ќе креираме политики, ќе ги активираме државните резерви, тука е и инструментот репрограмирање на Буџетот за да интервенираме таму каде што ќе биде потребно, како што ги помогнавме економските последици од пандемијата, потенцираше премиерот Заев.лв/

Остани поврзан