• понеделник, 25 ноември 2024

Заев: Прифаќањето на цивили од Авганистан е прашање на принципи, вредности и хуманост

Заев: Прифаќањето на цивили од Авганистан е прашање на принципи, вредности и хуманост
Скопје, 19 август 2021 (МИА) - Не треба да бидеш голем или поголем од другите, не треба да бидеш богат или побогат од другите да покажеш големо срце, да покажеш човештина. Нашата големина како народ секогаш сме ја покажувале и наша должност е да ја покажуваме. Нашата земја знае што значи солидарност и колку е важно на солидарноста да се врати со исто таква солидарност и разбирање на трагедијата на луѓето, истакна премиерот Зоран Заев. -Понудивме помош затоа што отсекогаш сме биле и ние солидарни и знаеме што  значи солидарност. Граѓаните треба да се сетат дека Авганистан учествуваше во изградбата на Скопје после катастрофалниот земјотрес и учествуваше во изградбата на Универзалната сала. Во поново време авганистанските граѓани работеа со нашите војници во заложбите да се воспостави демократијата во оваа земја. Работеа на хуманитарните проекти во Авганистан и наша должност е сега да им помогнеме кога животот им е во опасност, рече Заев вечерва во интервјуто во дневникот на ТВ Сител на прашањето за капацитетот на земјава да прими одреден број граѓани од Авганистан. Според него, политикантски се коментарите дека нашата земја покажала повеќе волја од поголеми и побогати држави да ги прифати бегалците  од Авганистан. -Ова е прашање на принципи, вредности, на хумана определба да покажеме дека сме луѓе и дека имаме разбирање за страдањето на народот на Авганистан. Многу сум горд на тоа дека ќе им дадеме надеж на 450 до 500 или повеќе луѓе во неволја, истакна Заев. Најави дека  утре изутрина има состанок со Координативното тело кое работи на организацијата на приемот на нашите граѓани кои се евакуирани од Кабул и на авганистанските цивили. Првата група кои утре ќе пристигнат во земјава се наши граѓани од Доха, Катар, а  се очекуваат понатаму и граѓани од Авганистан кои ќе бидат сместени во хотели. Заев посочи дека трошоците за нивното сместување до нивната конечна дестинација во трети земји ги покриваат САД. вг/ир

Остани поврзан