• недела, 22 декември 2024

Заев од Охрид: Ќе има плажи по мерка на граѓаните и во склад со природата

Заев од Охрид: Ќе има плажи по мерка на граѓаните и во склад со природата
Охрид, 9 октомври 2021 (МИА) -  Од 1,6 милијарди денари долг, општината Охрид сега е пред целосно раздолжување, благодарение на помошта на централната власт и успешната работа на локалната самоуправа, порача вечерва премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев на рибината „Најдоброто за мојата општина“ во Охрид.
Истакна дека во следните четири години ќе продолжат да инвестираат во Охрид, бидејќи го сакаат најдоброто за Охрид.
Тој најави дека плажите покрај охридското крајбрежје ќе бидат изградени по мерка на граѓаните и во согласност со природата, бидејќи тие се од огромна важност за Охрид како туристички центар.
Најави нов сериозен концепт и план со кој општината ќе земе важна улога во уредувањето и управувањето на плажите, согласно препораките на УНЕСКО.
Заев најави и дека Охрид како град музеј мора да се развива и дека културните богатства во градот се непроценлива можност за туризмот и економскиот напредок на градот.
-Одговорност, грижа и одржливо управување со културното наследство согласно препораките на УНЕСКО. Предвидуваме низа инфраструктурни проекти чија цел е градот да има функционално решение за централниот и најфреквентен дел, кажа Заев.
Тој исто така најави и дека Студенчишкото блато со посебен закон ќе биде прогласено за парк на природата и дека ќе продолжи зазеленувањето на градот со изградба на нови паркови.
-Имаме идејно решение за подигнување на градски парк на просторот на старата касарна, кој ќе биде уреден со урбана опрема, детски реквизити и летниковци. Исто така планираме и парк Билјана извори, со соодветно уредување на просторот со тревници и цветни насади, најави Заев. ац/

Остани поврзан