• недела, 22 декември 2024

Заев од Куманово: Направете споредба и одлучете, гласајте за број 12

Заев од Куманово: Направете споредба и одлучете, гласајте за број 12
Куманово, 15 октовмри 2021 (МИА) - Куманово отсекогаш било победничко, било и ќе остане СДСМ, Куманово, не е на Заев, ниту на Спасовски, на Илиевски, ни на Димитриевски, Куманово е на СДСМ, а кумановци овој пат ќе го изберат најдоброто за Куманово, кажа претседателот на СДСМ Зоран Заев на завршниот настана на караванот „Најдоброто за мојата општина“ на кумановскиот градски плоштад. Пред граѓаните, лидерот на СДСМ рече дека Куманово отсекогаш знаело да биде на вистинската страна и овој пат ќе го избере најдоброто за општината, кандидатот Оливер Илиевски и 33 советници предводени од носителката Атина Мургашанска. Зборувајќи за Илиевски, Заев рече дека е честит, вреден, одговорен сериозен и народен човек, кој поеднакво ги вреднува граѓаните на мултиетничкиот град. Тој му порача да биде свој, но и да учи од грешките на претходникот, како што кажа градоначалникот во заминување. - Колку и да се прави независен, зависи од СДСМ, кумановци треба да знаат дека има само еден кандидат на СДСМ, Оливер Илиевски. Кумановци тоа го знаат, рече Заев. Поосчи дека во Куманово последниве четири години е вложено над 120 милиони евра од државниот буџет, а Владата ќе продолжи да инвестира и заедно со Оливер Илиевски да ја развива општината. - Куманово 11 години беше игнорирана и заборавена општина од локалната власт. Не само што државата денар не вложи туку правеше се за да го блокира Куманово, да ја опструира работата на општината, ние тоа го сменивме драматично, решивме да му се оддолжиме на Куманово за пркосот, за храброста за одлучноста во борбата против режимот, истакна Заев. Тој потсети дека во Куманово е изграден нов Ургентен центар, реконструирани се патиштата Куманово – Свети Николе, Куманово – Страцин, реконструкција на Искрин мост, се работи и на пругата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Изградени се три училишни спортски сали, вложено е во Соколана, канализации, водовод, локални патишта. Најави дека во следните години, СДСМ и централната власт ќе поддржат проекти за развој на Куманово. - Заедно со Оливер Илиевски, заедно со советниците од СДСМ и Коалицијата овде во Куманово во следните четири години ќе реализираме изградба на две нови детски градинки во населбите „Тоде Ментол“ и „Перо Чичо“, поврзување на булеварот „Октомвриска револуција“ со автопатот Е – 7 и три нови катни гаражи во центарот на градот, порача Заев. Тој најави и дополнителни средства кои ќе бидат вложени во сите општини, вклучително и Куманово. Повикувајќи ги кумановци да изберат иднина, а не да се враќаат во минатото, се осврна на опозицијата за која кажа дека само блокира и го кочи развојот. За политичкиот опонент Мицкоски, рече дека за него реалноста е тешка, бидејќи како што кажа, ќе го доживее седмиот изборен пораз. - И после овој седми пораз што ќе им се случи на Мицкоски и на групата околу него – тие ќе мора да си заминат од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Но, тоа ќе биде добро и здраво и за ВМРО-ДПМНЕ, да се реформираат, а ќе биде посебно добро за државата. На државата ѝ треба конструктивна проевропска опозиција којашто ќе биде коректив на власта, ќе ги поддржува сите клучни стратешки прашања за граѓаните, а не да блокираат економска помош за граѓаните во време на пандемија, изградба на клинички центар во време на пандемија, сакаат да ги поништат договорите со Грција и со Бугарија, со што земјата ќе ја втурнат повторно во изолација, а луѓето во тешка сиромаштија, рече Заев. Тој ги повика граѓаните да направат споредба, кој инвестира, кој блокира и кочи развој. - Кој обезбеди членство во НАТО и успешен попис? – СДСМ и коалицијата. Кој беше против договорот од Преспа и против НАТО и кој сакаше да блокира попис? – Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Дајте им ветар во грб на својата земја и на својата општина, за Најдоброто за вас и вашите деца. Да свртиме грб на деструктивните сили во земјата и да ги оставиме засекогаш во минатото и да продолжиме во иднината-порача Заев и ги повика кумановци да гласаат за Оливер Ииевски и Атина Мургашанска. И потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски ги повика кумановци да ја дадат поддршката за број 12, за нови проекти, модерен, европски, зелен град. За Илиевски, Спасовски кажа дека има искуство во менаџирањето во приватниот и јавниот сектор и ќе биде достапен градоначалник. - Затоа на 17-ти октомври кумановци ќе имате лесна задача, нема да дозволите општината да ја преземат луѓе што блокираат, луѓе што мислат само на својот личен, на својот партиски интерес. Вие знаете да направите разлика, да го поддржите концептот на СДСМ, кој обезбедува напредок, развој, светла иднина и седми пат по ред да го казните деструктивното ВМРО-ДПМНЕ, и затоа во недела масовно ќе гласаме за бројот 12, повика потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски од Куманово.ам/са/

Остани поврзан