• четврток, 19 декември 2024

Заев носител на листа во четвртата ИЕ, Мицкоски преферира да биде шпицен кандидат

Заев носител на листа во четвртата ИЕ, Мицкоски преферира да биде шпицен кандидат
Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) - Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, се убедени дека ќе бидат победници на предвремените парламентарни избори на 12 април, но ја исклучуваат можноста да направат широка коалиција. Заев  во дуелот на ТВ Канал 5 најави дека СДСМ на изборите ќе настапи како мултиетничка партија, а Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се претстави како македонска политичка партија. Сепак, Заев не ја исклучува можноста за широка коалција, но откако ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби на изборите и Мицкоски ќе си даде оставка, по што ќе се европеизира партијата. Најави дека тој ќе биде носител на листата во четвртата изборна единица и го покани Мицкоски да се пресметаат на домашен терен. Нагласи дека за него одговорност пред народот е да биде носител на изборна листа, а не шпицен кандидат, што може да се протолкува како бегање од одговорност. Мицкоски, пак, истакна дека дал предлог за шпицен кандидати за мандатар на идната влада, според него тоа е морална вертикала, но конечната одлука за тоа дали ќе биде шпицен кандитат или носител на листа ќе се знае следната недела на ЦО на партијата. -Ако обезбедиме фер и демократски избори сите ќе бидеме победници. Со тоа победата ја носиме на државата и на целиот наш народ, а потоа народот ќе каже која ја добива честа да формира влада преку победа во мандатите кои сме ги добиле, рече Заев и порача дека во иднина смета дека не треба да има техничка влада за организрање на изборите. Како историски чекор ја оцени предизборната коалиција на СДСМ со БЕСА. -Конечно имаме предизборна коалиција од сите етинички заедници. Досега немало предизборна коалиција, се правеле пост фестум, а со тоа се манипулирале граѓаните. За мене е многу важно што е историски исчекор, конечно имаме предизборна коалиција од сите етнички заедници, втора важна придобивка е што носи мандати мандати, најмалку пет, ќе донесе седум осум мандати повеќе, изградена е на темел на вредности, во кои заедно веруваме, европските перспективи, инфраструктура, човечки капитал, трето оваа коалиција ги менува досегашните политики да имаме само етнички партии. Имаме намера да добиеме повеќе од 61 мандат, рече Заев и додаде дека се отворени за ДУИ и за сите партии, кои кои, како што кажа се подготвени да се менуваат и да учат од слабостите. На прашањето дали ќе коалицира со ДУИ, Мицкоски рече дека неговата партија ќе коалицира со секоја партија, која може да ја прифати програмата на ВМРО-ДПМНЕ и чија програма ќе може да биде прифатена од неговата партија. Му посака на Заев среќа во коалицирањето со БЕСА, но смета дека е лицемерно Заев да биде, како што посочи, критичар на ДУИ и да биде опозиција меѓу Албанците во државата. Со коалицијата со БЕСА, додаде, Заев грубо ги манипулира гласачите од албанскиот блок и се обидува да краде гласови од нив со обид да се глуми опозиција во рамките на албанскиот политички блок. -Во оваа прилика сакам да кажам дека на следните избори ќе има една македонска политичка партија, тоа ќе биде ВМРО-ДПМНЕ и ги повикувам Македонците и останатите етникуми да ја препознаат вредноста и да гласаат на следните избори за нас, рече Мицкоски. Заев му реплицираше дека со ова изјава тој всушност ги потценил другите етнички заедници во земјата. -Употребата на национализмот некогаш ќе ве доведе да не си ги измиете рацете, му порача Заев на Мицкоски. вј/ац/          

Остани поврзан