• сабота, 23 ноември 2024

Заев - Норман: Инвестицијата на „Магна“ е мотив и за други канадски компании да инвестираат во Северна Македонија

Заев - Норман: Инвестицијата на „Магна“ е мотив и за други канадски компании да инвестираат во Северна Македонија
Скопје, 11 март 2021 (МИА) - Премиерот Зоран Заев денеска го прими новоименуваниот амбасадор на Канада во земјава со седиште во Белград, Џајлс Норман, соопшти владината прес-служба.
Заев на амбасадорот Норман му посака успешен мандат, и истакна како резултат на неговата работа Република Северна Македонија и Канада можат да очекуваат унапредување на односите и соработката за што постојат големи потенцијали, кои дополнително се поттикнати и заради бројната македонска дијаспора во оваа земја.
На средбата е потенцирано дека одлуката на канадската компанија „Магна“ да инвестира во Северна Македонија е од огромно значење за економската соработка меѓу двете земји заради фактот што станува збор за една од најголемите компании во светот во сферата на иновативни мобилни технологии за автоиндустријата која соработува со најпознатите брендови во автомобилската индустрија.
Заев ја пренел благодарноста на народот на Северна Македонија за големата и значајна поддршка што земјата ја имаше во процесот на пристапување во членството во НАТО и нагласил дека искреното пријателството меѓу двете земји сега се пресликува и во соработката на двете земји во мисиите на Алијансата.
Амбасадорот Норман во разговорот со премиерот Заев потенцирал дека во врвот на приоритетите на неговиот мандат е економската соработка меѓу двете земји и дека инвестицијата на „Магна“ претставува дополнителен мотив и охрабрување и за други канадски компании да инвестираат во Република Северна Македонија.
-Премиерот Заев го запозна новоименуваниот амбасадор на Канада Норман со процесот за пристапување на нашата земја во членство во ЕУ, за што канадскиот амбасадор ја пренесе поддршката на неговата земја за овој процес кој на Северна Македонија ќе и донесе дополнителна стабилност и просперитетна иднина, се наведува во владиното соопштение.бт/са/

Остани поврзан