• сабота, 21 декември 2024

Заев: Нема да дозволиме никој да ѝ го украде европскиот дух на Гевгелија и да ја врати во времето на барокот

Заев: Нема да дозволиме никој да ѝ го украде европскиот дух на Гевгелија и да ја врати во времето на барокот
Скопје, 27 октомври 2021 (МИА) - Нема да дозволиме никој да ѝ го украде европскиот дух на Гевгелија и да ја врати во времето на барокот, некаде во минато време. Гевгелија, којашто е со отворени порти кон Европа, знам дека нема да дозволи режимот да се инсталира во градот и налик на Скопје, да ви донесат бикови, шмизли, лавови, а вас граѓаните да ве затворат со изолација, во мрак, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва од Гевгелија, барајќи ја поддршката од граѓаните за актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Сашко Поцков.
Заев истакна дека не одат заедно режимот и демократијата, европските вредности и режимските методи на владеење.
-Обединети – напред е единствениот концепт, којшто во себе го носи капацитетот да го остави режимот конечно во минатото, таму каде што му е местото, а да го осигура прогресот на државата и граѓаните. Обединети - напред е единствениот гарант за спокоен и квалитетен живот на секој човек во нашата, заедничка држава, Република Северна Македонија, рече лидерот на СДСМ пред гевгеличани.
Тука сум, како што нагласи Заев, заедно да потврдиме дека продолжуваме по патот којшто носи прогрес за сите. - Тоа е можно, ако дадете поддршка за уште еден градоначалнички мандат на Сашко Поцков! Сашко ја има мојата поддршка, ја има поддршката на Социјалдемократскиот сојуз и ја има поддршката на коалициските партнери од коалицијата Обединети - напред, рече лидерот на СДСМ.
Заев вечерва во Гевгелија разговаше и со стопанствениците и со граѓаните за, како што вели, да има нови покачувања на минималната плата на 18.000 денари и на просечната плата, над 30.000 денари.
-Заеднички продолжуваме напред и даваме поддршката на домашните фирми и на многубројните нови странски инвестиции. Заедно обединети отвораме нови работни места за сите да се на сигурно, истакна Заев.
Претходно, претседател на СДСМ беше во Демир Капија и Росоман, каде ги повика граѓаните на 31 октомври да го заокружат бројот 12. -На 31 октомври треба да го потврдиме напредокот, Демир Капија и сите други општини да продолжат напред, да не ризикуваме да скршнеме од патот и да се вратиме назад, а напред продолжуваме со заокружување на број 12, порача Заев. На  средбата со граѓаните на Росоман посочи дека пензискиот фонд е стабилен и гарантира пензии за сегашните и идните пензионери. -Од 1 јануари ќе го воведеме и вториот критериум – како растат платите да растат и пензиите. Секој први јануари и секој први јули ќе има покачување меѓу 300 и 700 денари покачување два пати годишно. Субвенциите ги насочивме кон индивидуални земјоделски производители, субвенциите се наплаќаат навремено и се зголемени, најави лидерот на СДСМ во Росоман. дма/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан