• петок, 22 ноември 2024

Заев: Концептот Отворено владино партнерство приднесе земјата да се трансформира од заробена држава во отворен и прогресивен пример

Заев: Концептот Отворено владино партнерство приднесе земјата да се трансформира од заробена држава во отворен и прогресивен пример
Скопје, 13 април 2021 (МИА) – Премиерот Зоран Заев на денешната презентација на концептот Отворено владино партнерство (ОВП), на која присуствуваше и генералниот директор на ОВП, од канцеларијата во Њујорк Санџај Прадхан, истакна дека основната цел на Отвореното владино партнерство, а и на Владата се промовирање на транспарентност, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористувањето на новите технологии во јавната администрација. - Република Северна Македонија е дел од иницијативата Отворено владино партнерство од самиот почеток во 2011 година, заедно со граѓанскиот и бизнис сектор. Десет години подоцна земјата има само придобивки од учеството во овој процес. Креирани се четири национални акциски планови. Во моментов, сме во фаза на креирање на петтиот акциски план, кој треба да го опфати периодот од 2021 до 2023 година. Имаме спроведено над 50 мерки и активности кои водат во поголема отвореност на работата на Владата. Мерките директно влијаат врз остварување на правата на граѓаните и го подобруваат нивниот статус, рече Заев на отворената седница. Тој потенцира дека од особено значење е што во заложбите за Отворено владино партнерство е вметнат и локалниот елемент, потоа Собранието, познато по иницијативата Отворен Парламент и Судската власт или Отворено судство. -Ние сме меѓу првите држави, кои го проширија опфатот со заложби речиси кон сите институции. Со ова покажуваме дека отвореноста и транспарентноста се главни стожери на работата на оваа Влада. За тоа ќе се залагаме и во идните акциски планови. Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики, единствен начин да имаме политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и на потребите на сите граѓани, истакна Заев Тој потенцира дека овој концепт многу придонел земјата да се трансформира од заробена држава, во отворен и прогресивен пример не само на Балканот, туку и ширум светот. -Овие принципи го трасираа патот на реформите и начинот на којшто оваа Влада ја практикува власта. Тоа значи дека постои силна политичка волја за воведување реформи коишто континуирано ги отвораат институциите и ги трансформираат во вистински сервис за граѓаните, рече Заев. Според премиерот, Владата со граѓанското општество и бизнис секторот е рамноправен партнер и покажала посветеност во унапредување на сите столбови и процеси кои се дел од заедничките заложби. -Еден од најбитните процеси за земјата и Владата како една од клучните активности е секако воспоставување на посебен и функционален веб-портал наменет за информирање, вклучување и следење на имплементацијата на акциските планови на земјата, подигнувањето на квалитетот на управување, квалитетни услуги за граѓаните преку транспарентно, инклузивно и одговорно работење е одлика на оваа наша Влада. Во таа насока е и воведувањето на многу нови алатки во изминатите години кои водат кон унапредување на транспарентноста, одговорноста, отчетноста и инклузивноста на сите актери во општеството, како што е и овој посебен портал, рече Заев. Тој го спомна и моделот на обврска за претходно јавно објавување на договорот со операторот по завршена јавна набавка, а пред да почне да се реализира. -Тоа заштедува стотици милиони евра во државава. Има контрола од Антикорупциска комисија дури и за оние одлуки коишто важат за конфидејшн – секогаш сме под комплетен мониторинг на самиот наш систем, вели Заев. Премиерот посочи дека преку промоцијата и поддршката на отвореното владино партнерство започнала и иницијативата Отворен трезор преку која се отвориле трезорските трансакции на национално и локално ниво, а Владата овозможиле поголем увид во трошењето. -Алатката придонесува и кон намалување на корупцијата, но и заштеда на неефикасните трошења. Во тој контекст го креиравме и порталот за отворени податоци каде институциите во отворен формат ги објавуваат податоците кои се во интерес на медиумите, бизнис заедницата, граѓанските организации, но и на сите граѓани. Овие податоци понатаму може да се користат на најразлични анализи, планирања, развивање на нови бизнис идеи, нови сеопшти идеи во општеството и друго, рече Заев Тој потенцира дека дигитализацијата и новите технологии овозможуваат брза и лесна комуникација со граѓаните и граѓанскиот сектор. -Ниеден политичар повеќе нема оправдување дека немал доволно време или шанса да се консултира со заинтересираните страни. Тоа денеска е полесно од кога било. Ова е можност која ние ја користиме, а во иднина секако дека ќе ја користиме уште повеќе. Владиниот пристап за соработка со граѓанското општество е изразен и преку соработката со Фондацијата Отворено општество Македонија и другите граѓански организации кои со поддршка од Секретаријатот за отворено владино партнерство и МИОА го унапредуваат процесот за структурирано вклучување на граѓанските организации во ко-креацијата, развојот и мониторингот на новиот Национален акциски план 2021-2023 година, потенцира премиерот. Преку оваа соработка со граѓанското општество координирана од Фондацијата беше воспоставен Советот за координација и следење на процесот на отворено владино партнерство што претставува прв модел на партнерство и еднаквост во одлучување во нашата држава. Преку отворено владино партнерство Советот беше воспоставен, структуриран механизам за постојан дијалог меѓу властите и граѓанското општество. Во новиот Национален акциски план продолжуваме да се фокусираме на заложбите кои ќе водат кон унапредување на транспарентноста и отчетноста, борбата против корупцијата, достапност и квалитетот на јавните услуги и пристапот до права за граѓаните на РСМ. Премиерот Заев нагласи дека сето тоа што го прави Владата е во интерес на граѓаните, на медиумите, на граѓанското општество, но и во интерес на бизнис заедницата затоа што, како што рече, одговорното, транспарентното и отчетното владеење е основен постулат на секоја владејачка структура. -Со ова ние ги поставуваме стандардите на владеење и стандардите на политичко однесување, поточно градиме една нова политичка култура во Република Северна Македонија што ќе биде обврска за секоја следна владејачка гарнитура, заклучи премиерот Заев. ир/нд/

Тагови

Остани поврзан