• понеделник, 30 декември 2024

Заев: Кавадарци е сведок дека државата рамномерно инвестира во својот народ, без разлика кој е градоначалник

Заев: Кавадарци е сведок дека државата рамномерно инвестира во својот народ, без разлика кој е градоначалник
Кавадарци, 4 октомври 2021 (МИА) - Сериозно инвестиравме и во патната и комунална инфраструктура, за да го унапредиме квалитетот на живот во секое населено место, истакна денеска во Кавадарци претседателот на СДСМ Зоран Заев, во рамки на Караванот „Најдоброто за мојата општина“ во Кавадарци. Тој нагласи дека во овој регион е реконструиран регионалниот пат Кавадарци – Росоман и транзитот низ Кавадарци, гасоводот Неготино – Кавадарци – Битола е над 92 отсто завршен, поставени се водоводи и канализации, реконструирани се бројни улици преку пари од централниот Буџет. Владата, а не Јанчев го направи мостот во Ваташа, туристичкиот проект и патеката, рехабилитацијата Кавадарци - Марина – Неготино, истакна Заев, додавајќи дека  така се работи државнички, чесно и одговорно. - Кавадарци е сведок дека државата рамномерно инвестираше во својот народ без разлика кој ја води општината, државата е тука да им помага на општините, да им помага на граѓаните, тоа го правиме постојано и ќе продолжиме да го правиме и во следниот период. Со Тодоров и советниците заедно ќе донесеме гасификација на Кавадарци и регионален откупен центар, а на младите ќе им помогнеме да отворат свој бизнис, преку старт ап центрите. Така се сака Кавадарци, така се работи за Кавадарци, заклучи Заев. Станува се поизвесна можноста „Повардарие” да го заврши стечајот со што ќе припадне во сопственост на државата, на граѓаните, најави вечерва претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на митинг во Кавадарци. -Со тоа добиваме сериозен капацитет кој ќе го имаат лозарите во своја сопственост, во државна сопственост. Да им се најде, во управувањето со винското грозје. Таму е и најголемата дестилерија која ќе ја ставиме во функција, се со крајна цел, сигурен пласман и повисоки цени на винското грозје, рече Заев, нагласувајќи дека во минатото овој капацитет беше приватизиран и во стечај, а сега ќе се извади од стечај и ќе се врати на државата. На 17 октомври, додаде, победуваме со најдоброто, тоа за Кавадарци е кандидатот за градоначалник Горан Тодоров и советничката листа на СДСМ и коалицијата, бројот 12.
Во следните четири години, порача Заев на вечерашната промоција на кандидатот за градоначалник и советничка листа за Кавадарци, се посветуваме на градење силна економија, овде, во Кавадарци, но и во секоја друга општина, локалната економија е важна, таа е двигател на животот, особено кога е насочена во ист правец како и државната.
- Инвестициите од централната власт стратешки ги насочуваме кон општините за отворање нови работни места и  повисоки плати за секого, тука во Кавадарци, во вашето место на живеење.  Нема за нас големи и мали општини инвеститорите ги носиме во секој град и секое населено место. Преземаме политики за рамномерен регионален развој и тие ќе овозможат луѓето да се определуваат да живеат и работат во родното место. Младите да останат во своите родни места, и таму да градат иднина и кариера затоа што ќе имаат работни места кои ќе бидат добро платени. За да не бегаат по Скопје или надвор од државата, за да создаваат за својата општина, за своето родно место,  порача претседателот Заев.
Покрај меѓународните успеси, додаде, овие четири години покрај успесите на меѓународно ниво континуирано работевме на економски мерки и политики кои го унапредуваат животниот стандард на сите граѓани.
 - Просечната плата ја зголемивме за 6.300 денари за само четири години и сега изнесува над 28.700 денари. Минималната плата од 9.000 денари ја зголемивме над 15 илјади денари, а тенденцијата е таа до крајот на годината да изнесува 18.000 денари. Од 9 на 18 илјади е 100- процентно зголемување на минималната плата.  Пензиите пораснаа во просек по 2.000 денари за овие четири години, а ќе растат многу побрзо преку новата методологија за законското усогласување на пензиите со растот на просечната плата. Нашата цел е да овозможиме вакви примања, пензии и плати да заработувате во родниот крај – не во Скопје, не по светот – тука во Кавадарци да си го градите животот, со своите сакани, истакна Заев.
свд/цр

Остани поврзан