• понеделник, 23 декември 2024

Заев: Илијев држеше лекции како се работи за својата општина, тој и СДСМ се „Најдоброто“ за Кочани

Заев: Илијев држеше лекции како се работи за својата општина, тој и СДСМ се „Најдоброто“ за Кочани
Кочани, 8 октомври 2021 (МИА) - „Најдоброто“ носи проекти во интерес на сите граѓани, а во изминатите четири години како никогаш досега се инвестира во развој на инфраструктурата. Со тоа македонскиот Исток не е веќе слепо црево, туку одлично поврзан и со главниот град и со другите региони на државата, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев пред граѓаните на Кочани на митинот што го организираше коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. -Сето тоа го постигнавме во одлична соработка со градоначалникот Николчо Илијев и општинската администрација, заеднички верувајќи во проектите што носат развој и подобар живот за сите. Погледнете ги само патиштата наоколу: регионалниот пат Кочани – Делчево, патот Кочани – Пониква, патот Тркање – Пишица, Крупиште – Кочани, сите главни артерии во овој дел од државата денес се модерни, европски патишта кои обезбедуваат побрз и побезбеден сообраќај. Во Кочани изградивме и опремивме нова детска градинка за 115 деца и центар за ран детски развој во Тркање со капацитет за 40 деца. Николчо Илијев држеше лекции и на другите градоначалници како се работи темелно и посветено, како се носат резултати за својата општина за своите сограѓани, затоа тој е „Најдоброто“ за Кочани и заслужува нов мандат оти зад себе има резултати, каде и да прошетате во Кочани ќе видите некој важен проект реализиран во неговиот мандат, истакна Заев. Додаде дека во мандатот што следи, Кочани ќе добие нов булеварски влез и мост на Кочанска Река, а за развој на спортот и за поддршка на младите ќе се изгради нова спортска сала. На митингот во Кочани се обратија и кандидатот за градоначалник Николчо Илијев и носителот на листата за советници Томе Солевски. та/дма/

Остани поврзан