• недела, 22 декември 2024

Заев за „Политика“: Србија и Северна Македонија ќе ги зајакнат меѓусебните односи

Заев за „Политика“: Србија и Северна Македонија ќе ги зајакнат меѓусебните односи
Белград, 29 октомври 2021 (МИА) - Иницијативата „Отворен Балкан“ е еден од начините на кој Србија и Северна Македонија ќе ги зајакнат долгогодишните и традиционално добри билатерални односи, вели премиерот Зоран Заев во интервју за белградска „Политика“. Како што јави дописникот на МИА од Белград, Заев оценува дека лидерите на двете земји се водат од принципот дека подобрувањето и надградувањето на меѓусебните односи е нивна обврска, која „како непроценливо богатство ќе им биде пренесена на сегашните и идните генерации“. Според него, како израз на таквата решителност и политика се родила и идејата за „Отворен Балкан“. - Иницијативата е резултат на силната политичка волја на Северна Македонија, Србија и Албанија и на највисокиот интерес на трите земји да ги поврземе нашите економии за дополнителен развој, за заеднички регионален пазар и негов долгорочен развој, вели Заев. Премиерот посочува дека целта на иницијативата е поврзување со јасна, отворена и јавна намера со цел „нашите народи што поскоро да почувствуваат директни економски придобивки од олеснувањата кои ги донесуваат заедничките одлуки“. Според Заев, се очекува предностите од тоа наскоро да се почувствуваат во буџетите на милиони семејства и во квалитетот на животот на граѓаните на двете земји. Во врска со пандемијата со коронавирус, Заев вели дека во критичните фази до почетокот на процесот на масовна вакцинација, пресудна беше солидарноста на меѓународната заедница, на ЕУ и првенствено таа на првите соседи. - Србија беше првата која отстапи сериозни количества од сопствените вакцини за да го премостиме периодот до редовното снабдување со вакцините во нашата земја и македонските граѓани засекогаш ќе ја паметат пријателски подадената рака. Сега за нас е најважно и приоритетно е да продолжи процесот, односно да се интензивира масовната вакцинација. Обезбедено се доволни количества безбедни вакцини, стигнуваат редовни пратки на дополнителни количества и тоа е единствениот начин да ја стабилизираме ситуацијата, додава Заев. Околу проширувањето на ЕУ и блокадите од Бугарија за земјава, Заев посочи дека нема да бара изговор и оправдување за она за што граѓаните се разочарани. - Ние немаме друг меѓународен пат освен патот до целосно членство во ЕУ. Овој процес нема алтернатива, и затоа остануваме посветени на нашата стратешка цел - членство во ЕУ преку целосна имплементација на европските вредности и стандарди. Од друга страна, ЕУ мора да најде формула како да го одржи својот збор и да го продолжи проширувањето на Западен Балкан. Граѓаните на Северна Македонија ќе видат огромен неуспех во политиките на Унијата доколку итно не им се испорача европската перспектива и доколку до крајот на оваа година не се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ, оценува премиерот Заев во интервјуто за „Политика“. Тој нагласува и дека македонскиот народ не сака да создава и никогаш не создавал проблеми. - Ако не беше мојот народ мирољубив и широкоглед, како ќе постигневме договор со Грција? А не се мали придобивките од тој договор. Имаме нов сериозен стратешки партнер, членка сме на НАТО, за мала земја како нас тоа е многу важно кога се во прашање безбедноста, сигурноста и странските инвестиции. Можеме и мораме, двете страни, веднаш по изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега, со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Двете страни имаат одговорност да го направат тоа, вели премиерот Заев. Во врска со локалните избори премиерот оценува дека „заедно со граѓаните во локалните средини минавме низ тешки мигови и не беше лесно да се надминат препреките и да се ослободи државата од режимот“. - Една од тие последици на режимот беше целосна зависност на општините од централната власт. Ние успеавме уште во првите две години со 50 милиони евра од централниот буџет да ги ослободиме локалните самоуправи од долговите, а со дополнителни 500 милиони евра да помогнеме над 7000 проекти во локалните заедници. И успеавме, наведува Заев, додавајќи дека власта заедно со граѓаните гради „економски напредна земја во која растат платите, пензиите, социјалната помош, се отвораат нови работни места, со јасен план за подобра македонска и европска иднина“. Тој изразува верување во обединување на демократскиот блок и победа во вториот круг од локалните избори в недела. - Повикав на обединување со граѓаните, со сите демократски и прогресивни групи и поединци, за да може да продолжи развојот и напредокот на општините, а со тоа и на земјата во целост, вели Заев. Премиерот оценува дека владината коалиција е стабилна и нагласува дека очекува таа да расте. - Не ни требаат нови избори. По долго време конечно имаме 2,5 години пред нас, период без избори, тоа е ретка можност. Тоа е она што го бараат граѓаните и она што е неопходно за економските перспективи. Јас цврсто стојам на тоа дека треба да се зграби оваа можност и државата веднаш по овие избори да продолжи напред кон раст на платите и пензиите и кон отворање на нови 150.000 работни места колку што имаме испланирано за следните години, вели Заев во интервјуто за „Политика“. об/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан