• понеделник, 18 ноември 2024

Заев: Виница е доказ дека СДСМ инвестира во сегашноста и иднината, нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да ја растура државата

Заев: Виница е доказ дека СДСМ инвестира во сегашноста и иднината, нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да ја растура државата
Виница, 3 октомври 2021 (МИА) - СДСМ инвестира во сегашноста и иднината и нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да ја растура државата, а најдобар доказ како треба да се работи е општина Виница, истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев на вечерашниот митинг на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Реализацијата на инфраструктурни и комунални проекти во изминатите четири години во Виничко е показател како се работи одговорно и според европски стандарди, наспроти претходниот осумгодишен период исполнет со стагнација и разграбување на јавните пари. - ВМРО-ДПМНЕ не може да испорача проекти за граѓаните, бидејки ова ВМРО-ДПМНЕ е изданок на режимот којшто е навикнат да ги краде народните пари и затоа е опасно да им се довери раководењето со некоја општина или со државата. Додека сиромашни спиеја по улиците, млади беа тепани и заминуваа од државата, наставници беа уценувани, лекари беа деградирани, ВМРО-ДПМНЕ злоупотребуваше  милиони евра за изградба на околу 300 споменици, истакна Заев. Пред граѓаните на Виница тој претстави и дел од проектите што се од значење за развојот на локално ниво, а за кои поддршка дава и државата. -Со изградбата на регионалната депонија кај Свети Николе ќе ставиме крај на дивите депонии во Виница и во целиот источен регион. Во тек е доградбата на филтер станицата за пречистување на водата за пиење, како и за снабдување со санитарна вода на селото Лески. Се реконструира кино салата, а изградивме 38 социјални станови, а во тек е изградба на еден од најмодерните градски пазари, додаде Заев. Претседателот на СДСМ нагласи дека младинската невработеност е намалена на 29 отсто, растот на платите е зголемен за три пати, обновена е евтината тарифа на струјата, а со повратот на ДДВ милиони евра се слеваат во семејните буџети. На крајот од обраќањето на митингот во Виница, Зaев истакна дека СДСМ создава и реализира антикризни мерки за економска стабилност, а ВМРО-ДПМНЕ или е против, или ги блокира. та/сст/        

Остани поврзан