• недела, 22 декември 2024

Заев: Верувам дека ќе има достоинствено објаснување зошто немаше претставник од Бугарија во Охрид

Заев: Верувам дека ќе има достоинствено објаснување зошто немаше претставник од Бугарија во Охрид
Скопје, 2 јули 2021 (МИА) - Клучната порака од Преспа форумот за дијалог е дека ние сме почитувани од целиот свет,  вели премиерот Зоран Заев, кој верува дека ќе има достоинствено објаснување зошто на форумот немаше претставник од Бугарија. Преку Преспа форумот за дијалог, посочи Заев во интервју за ТВ 21, се испратија многу пораки. Првата е дека Северна Македонија претставува извозник на демократски вредности, на европски вредности, доказ дека низ договорите од минатото, вклучително и Преспанскиот договор и Договорот за пријателство и добрососедство покажуваме како јакне стабилноста на Балканот, развојот на меѓусебните пријателства и односи, економската соработка и европската интеграција, посочи Заев. Втората важна порака, дополни, е дека сме почитувани од целиот демократски свет. -Дојдоа највисоките претставници на Стејт Департменот САД директно задолжени за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер, помошникот државен секретар во Стејт департменот задолжен за Европа и Евроазија, заменик секретарот Метју Палмер беа тука, но беа и големи лидери од Европа, директно дел од нив како претседателот Пахор…“, рече Заев. Прашан како го толкува неучеството на форумот на претставници на Бугарија рече дека немаат одговор и оти тоа не е добра порака. И покрај горчината поради недавањето зелено светло за преговорите за членство во ЕУ од страна на соседната држава, како што порача, и двете страни имаат обврска да го градат и негуваат пријателството. -Покани испративме уште кога почна организацијата за Самитот. Тогаш се уште премиер беше Бојко Борисов, па дојде нов премиер, времениот или техничкиот премиер господинот Стефан Јанев. Уште еднаш испративме и до претседателот како што е редот - до сите. Имавме најави дека ќе има претставници овде, но за жал не дојдоа. Ќе ги видиме причините, ние немаме одговор. Сигурно после тоа ќе видиме кои се причините, но не е добра порака. Во најмала рака можеби е кабаетлук, не знам, се надевам дека е, затоа што ние сме пријатели. Иако има горчина, иако има пораки коишто не разделуваат со ова недавање зелено светло од страна на првиот наш источен сосед Република Бугарија, верувам дека пријателството понатаму мора да се гради помеѓу двете страни и двете страни имаат обврска тоа пријателстсво да го негуваат. Така што верувам дека не е лоша намерата, односно ќе имаат достоинствено објаснување зошто немаше претставник од Бугарија, рече Заев. лв/бак/    

Остани поврзан