Заев - Варвициотис: Стратегиска цел и на Скопје и на Атина е Северна Македонија што побрзо да ги започне преговорите со ЕУ
- Заев и Варвициотис се согласиле дека од исклучителен заеднички интерес и стратегиска цел на двете земји е Северна Македонија колку што може поскоро да ги започне пристапните преговори со ЕУ,
На средбата како посебно важни беа истакнати проектите во енергетиката како стратегиска и приоритетна дејност за двете земји за што сведочат веќе потврдените проекти за соработка и за заеднички инвестиции кои имаат и силно регионално значење и потенцијал.
За време на разговорот од двете страни беше потенцирано задоволството што го нагласуваат инвеститорите од Грција за соработката со Владата на Северна Македонија, која, како што беше кажано, е дополнителен мотив и испраќа силна порака дека бизнис-заедницата на Хеленската Република има пријателска средина за инвестиции во нашата земја.
На средбата претседателот на Владата Заев повтори дека е отворена поканата премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис да ја посети Северна Македонија, и дека секоја посета, како оваа на алтернативниот министер за надворешни работи, е придонес за унапредување на пријателството меѓу двете земји.
Од Министерството за надворешни работи на Грција, пак, соопштија дека во фокусот на средбата Заев - Варвициотис биле билатералните односи, вклучително и доследното спроведување на Договорот од Преспа, продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји, како и европската перспектива на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.
- Двете страни го потврдија одличното ниво на билатералните односи меѓу двете земји. Разговорите се фокусираа меѓу другото и на економските прашања, инвестициите, енергетските прашања, како и регионалните случувања и управувањето со пандемијата на Ковид-19, соопштија од грчкото МНР.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија „ја истакнал потребата за целосна доследна и верна и имплементација на Договорот од Преспа како неопходен предуслов за дополнително да се зајакнат односите меѓу Грција и Северна Македонија и остварување на заедничката визија за интеграција на Северна Македонија во европското семејство“.
- Со премиерот на Северна Македонија Зоран Заев ја потврдивме важноста на дополнително унапредување на односите меѓу Грција и Северна Македонија и европската перспектива на неговата земја. Целосното спроведување на Договорот од Преспа е од витално значење за постигнување и на двете цели, напиша Варвициотис на „Твитер“ по средбата со премиерот Заев. нд/ср/