Заев: Час поскоро да одиме на избори
- Опозицијата треба да биде прва што ќе бара избори за да може да има Парламент, за да има политичка влада којашто нема да се „пренемага“ како да ги носи одлуките, ќе си преземе одговорност да
Скопје, 11 јуни 2020 (МИА) – Опозицијата треба да биде прва што ќе бара избори за да може да има Парламент, за да има политичка влада којашто нема да се „пренемага“ како да ги носи одлуките, ќе си преземе одговорност да носи храбри одлуки, недај боже да имаме уште потешка состојба од оваа, кој ќе носи одлуки. Затоа мора граѓаните да пренесат легитимитет на влада, на парламент, да имаме институции, здраво е за државата и заради здравството и заради економијата и заради демократијата да имаме парламент и да имаме политичка влада којашто ќе си преземе одговорноста, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Тој во интервјуто на ТВ21 рече дека што поскоро мора да се одржат избори со цел да се постават институциите во целосна функционалност.
- Доволно е изморен народот од овие калкулации и затоа ни се неопходни изборите. Не можеме ништо да скриеме од народот, оти народот знае кој постапува, кој не. Затоа час поскоро да се оди на избори, затоа што мораме да ги поставиме институциите. Немаме парламент, имаме техничка влада. Редно е да организираме избори за да може државата да функционира, нагласи лидерот на СДСМ.
Заев рече дека претседателот Стево Пендаровски нема предлог од страна на техничката Влада за продолжување на вонредната состојба, посочувајќи дека неможе тој самиот да предложи и да си прогласи вонредна состојба.
Истакна дека денешните бројки, на заразени со Ковид-19, не болат сите, но, како што рече, бројките можат да бидат исти и на 15 јули и на 15 август и на 15 септември и на 15 ноември.
- Петти јули уставно и законски е определен датум на моменталната состојба како стојат работите. Ако не се договорат партиите тогаш останува што – да се почитуваат Уставот и законот. Уставот и законот ќе го кажат датумот. Ако со Мицкоски сме зборувале за 8 јули, тогаш ќе се согласиме. Ќе излеземе пред граѓаните и ќе речеме бараме плус три дена, т.е. 8 јули да биде датумот за избори,рече Заев зборувајќи за определувањето на датумот за одржување на предвремени парламентарни избори.
Зборувајќи околу изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека е време за прв премиер - Албанец, Заев рече дека и себе и неговата партија СДСМ ги смета за основоположници на „Едно општество за сите“.
- Ние сме растеретени од етничката припадност на некој. Ова е популистички чекор, лажен чекор на ДУИ, ова е исклучително заради партиско-политички поени. Ако ДУИ продолжи вака ќе оди во опозиција. Не смее да ја повредува интелигенцијата на нашиот народ. Граѓаните треба да знаат кој ќе биде премиер, министер зависи од нив самите – од граѓаните. Прво ДУИ не го кажува кандидатот за премиер и нема да го каже. Нема да даде кандидат, оти ако го каже нема да ги повикува сите Албанци да гласаат за ова. Ниту ќе објави, ниту објавува кандидат. Тука се кажува дека се работи за политичко калкуланство. Второ, треба сите да знаат дека преку тоа се обидува да добие гласови, а всушност со ова ќе губи. СДСМ ќе победи и со ваков услов од ДУИ значи дека нема да има коалиција. ДУИ ќе оди во опозиција и добро е да оди во опозиција после 17 години. Напоменувам, треба да знаат граѓаните да си излезат на гласање и да си гласаат и тие ќе одлучат кој ќе биде премиер, кој ќе биде министер, кој ќе биде претседател на Собрание, нагласи Заев.
Во однос на тоа каква излезност очекува на денот на гласањето, Заев рече дека очекувањето во нормални услови е 1.100.000, заради коронавирусот, како што посочи, моја проценка е дека ќе излезат околу 900.000, т.е. 50-60 отсто. см/сп/