• понеделник, 23 декември 2024

Завршна сесија на филмската училница во Кинотека

Завршна сесија на филмската училница во Кинотека
Скопје, 13 декември 2020 -  Десеттата сесија на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА започна со проекции на вежбите и филмските етиди на учесниците. По секоја проекција се развиваше дискусија, а нивниот ментор, филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева ги оцени како многу зрели, интелигентни и филмски писмени. Учесниците се искрени, отворени, паметни, весели… Некои од нив се неверојатно талентирани!, вели Џиџева. Во вториот дел од сесијата, во неформална и опуштена атмосфера, учесниците снимаа изјави за нивните впечатоци и искуства од филмските училници. ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА не завршува со оваа последна, десетта сесија, туку дека таа е почеток на ново учење и дружење, смета Џиџева. Идејата е за време на зимскиот училишен распуст  Кинотеката да организира проекција на краток филм за ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА кој би вклучувал инсерти од работата на учесниците и предавањата што ги следеа. Кинотека на Македонија ја реализираше ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА, финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија, како проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Проектот започна на 10 октомври, и траеше 10 недели. Сесиите на училницата се одржуваа во саботите во просториите на Кинотеката. Проектот е интерактивна филмска училница, каде младата популација се запозна со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното. Предавањата на филмолозите и гостите на училницата беа во насока на едукација од областа на историјата на филмот, запознавање со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и можност за креирање на авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија. Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија. Целта на проектот беше преку интерактивното-креативно учење, учесниците да добијат основи на филмско познавање, да научат како да гледаат филм,  како да размислуваат за едно филмско дело и да стекнат примарни вештини за креирање на филмски приказни како начин на лично изразување на својот поглед и став кон животот, како и за изработка на сопствени аудио-визуелни етиди кои би им помогнале во текот на нивното школување. Во изминативе десет саботи учениците имаа уникатна можност да бидат дел и од работилницата со Тамата Котевска, филмска режисерка, и Фејми Даут, кинематографер, дел од креативците на документарецот „Медена земја“, потоа работилницата за анимиран филм со Крсте Господиновски и Жарко Иванов… Филмологот советник од Кинотеката м-р Игор Старделов ги запозна учесниците со историјата и дејноста на Кинотеката, а потоа им ја презентираше историјата на филмското архивирање и технолошките нијанси во дигиталната реставрација на кинематографските дела. Проекцијата на филмовите од архиватата на Кинотеката во текот на сесиите беа повеќе од илустрација за отвореноста на Кинотеката и нејзиното аудио-визуелно богатство за учесниците во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА. Учесниците имаа уникатна можност да се запознаат и со историјата на филмското архивирање и технолошките нијанси во дигиталната реставрација на кинематографските дела, технологијата и проекцијата на 35 мм филмска лента, бројни филмолошки материјали од македонски филмови… Филмскиот критичар Стојан Синадинов на неколку сесии ги запозна учесниците со почетоците и развојот на филмската уметност, влијанијата на филмските школи и автори низ историјата на кинематографијата, со почетоците на македонската кинематографија и нејзиниот развој до крајот на минатиот век, потоа со неколку правци и авторски кругови во светската кинематографија од 30-те, 40-те и 50-те години од минатиот век, како францускиот реализам и надреализам, германскиот експресионизам и пропаганден филм, италијанскиот неореализам и неговиот развој… Филмскиот техничар Тихомир Кашмицовски на учесниците им ги откри тајните на технологијата на помалку заборавената проекција на 35 мм лента, и тоа преку примерокот на првиот македонски игран филм снимен во синемаскоп техника, МИС СТОН, снимен пред 62 години. Вишиот филмолог Владимир Ангелов одржа интерактивно предавање чија тема беше трајните митови во светскиот филм низ примерот на филмот БОГАТСТВОТО НА СИЕРА МАДРЕ (The Treasure of the Sierra Madre, 1948) на режисерот Џон Хјустон. Петар Волнаровски, виш филмолог и раководител на одделот за истражување, издавачка, библиотечна и меѓународна дејност, одржа предавање за природата, структурата, функцијата и развојот на наративната мултимедија – од орална до дигитална ера. Филмологот Александар Трајковски ги запозна учесниците со историјата на кратката и експерименталната филмска форма. Филмологот Александра Младеновиќ ги запозна со можностите што Кинотеката ги нуди за истражување, преку користење на фондот на пишувана документација и аудиовизуелните записи и материјали кои се чуваат во оваа институција, како и датабазите на податоци. Во текот на сесиите учесниците добиваа и примероци од вредните проекти на Кинотеката за дигитална реставрација на авторските опуси од македонската кинематографија, како ДВД изданијата со филмовите на браќата Милтон и Јанаки Манаки, Кирил Ценевски, Бранко Гапо, Љубиша Георгиевски и Столе Попов, ДВД издание со три филма на Милчо Манчевски: ПРЕД ДОЖДОТ, ПРАШИНА и СЕНКИ, потоа „Прирачникот за филмаџии“, издание на Друштвото на филмските работници на Македонија… Во реализација на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА учествуваа и Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Александар Василевски… КИНОТЕКА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА __________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан