• петок, 05 декември 2025

Заврши реконструкцијата на ОУ „Андреја Савески-Ќиќиш“ во Тетово

Заврши реконструкцијата на ОУ „Андреја Савески-Ќиќиш“ во Тетово

Тетово, 10 јуни 2025 (МИА) – По повод завршување на реконструкцијата на ОУ „Андреја Савески – Ќиќиш“ во Тетово беше организирана свечена приредба на која присуствуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска, градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, пратеникот Александар Велјановски и општински функционери.

Во природното обраќање министерката Јаневска оцени дека училиштето изгледа прекрасно и тоа е резултат на домаќинското работење на раководството и заштеди на средства кои ги добива од Министерството за образование и наука, но и резултат на грижата на општината за овозможување на достоен воспитно – образовниот процес за најмладите жители на градот.

- Сигурна сум дека ќе поттикне уште поголема посветеност на наставниците и тие ќе дадат поголема жртва во создавањето на нови, млади и креативни умови. Знам дека и учениците ќе се чувствуваат уште попријатно и побезбедно при престојот во училиштето. Им должиме на граѓаните на Македонија вакви инвестиции. Долго време недостигаа, и оттука – и недовербата и неверувањето дека некој може да работи чесно, одговорно, посветено и наместо да создава непотребни или непродуктивни трошоци, да внимава и тие средства да ги искористи за општо добро. Но, еве гледаме дека можело. Сликата за образованието, ја менуваме заедно, истакна Јаневска.

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами, истакна дека се работи за инвестиција од четири милиони денари за реконструкцијата на фасадата на училиштето со што се заокружува еден циклус со претходно вложување во нова спортска сала и во уредување на дворот.

 - Промовирање на реконструираната фасада на основното училиште „Андреја Савески-Ќиќиш“, е најдобар начин да им посакаме на нашите деца, нашите ученици добри и среќни летни одмори. Уште еднаш ова покажува дека ние вложуваме сè во нашата иднина во образованието во нашите училишта за да создадеме добри услови. Ова е уште еден доказ дека во блиска соработка меѓу директорот на училиштето, училиштето, општината и министерството, дека и ние може да имаме училишта по европски стандарди, а тоа е добар пример ова основно училиште, истакна Касами.

Дијана Петровска, директорка на ООУ „Андреја Савески-Ќиќиш“ посочи дека настанот не е само свечен туку и идеја, училиштето да биде место кое инспирира.

- Во нашето училиште беше извршена реконструкција на фасада, која беше приоритет за секој работен во училиштето. Ние таа заложба ја вградивме во развојниот план на училиштето, целта не беше да добиеме само нов изглед на училишниот објект, не беше ни цел да добиеме нова надворешна слика, што ќе ја одрази нашата грижа кон учениците, кон нивното растење, нивното учење нивното секојдневие, истакна Петровска. ас/дма/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан