• четврток, 19 декември 2024

Заврши распределбата на недвижен имот на поранешна СФРЈ, земјава доби дел од амбасадата/резиденција во Ла Паз, Боливија

Заврши распределбата на недвижен имот на поранешна СФРЈ, земјава доби дел од амбасадата/резиденција во Ла Паз, Боливија
Белград, 15 септември 2021 (МИА) - Со Договорот на државите наследници на поранешна СФРЈ на последниот состанок во Сараево целосно е завршена распределбата на недвижниот имот на поранешна СФРЈ од Анекс Б од Договорот за прашања за сукцесија во географскиот регион на Организацијата за економска соработка и развој и Латинска Америка и Карибите, јави дописникот на МИА од Белград. На Србија и се дадени објекти на амбасадата во Копенхаген-Данска, како и дел од амбасадата и помошен објект во Њу Делхи-Индија и стан во Трст-Италија, додека Србија со Северна Македонија и БиХ ќе ја дели амбасадата / резиденцијата во Ла Паз, главниот град на Боливија, соопшти РТС. Дваесеттиот состанок на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатско конзуларниот имот на поранешна СФРЈ - имплементација на Анексот Б од Договорот за прашања за сукцесија, се одржа во Сараево на 13 и 14 септември. На состанокот присуствуваа овластени претставници од сите земји, наследници на поранешна СФРЈ - од БиХ Бакир Садовиќ, Хрватска Петар Узоринац, Северна Македонија Борче Дамјанов, Словенија Јожеф Дрофеник и од Србија Славица Јелажа. Агендата опфати актуелни теми во процесот на распределба на дипломатско конзуларниот имот на поранешна СФРЈ, а состанокот заврши со усвојување на Резолуција, односно усвојување на серија конкретни одлуки за распределба на десет недвижности на поранешна Југославија. Исто така, отпишани се две недвижности, за кои, по проверката на правото на сопственост и фактичкиот статус, беше утврдено дека никогаш не биле или веќе не се во сопственост на поранешна Југославија. Беше постигнат конечен договор и во врска со поделбата на земјиштето во рамките на физичката поделба на дипломатскиот комплекс на поранешна СФРЈ во Бразил, а исто така беше договорена и физичката поделба на дипломатскиот комплекс во Њу Делхи. Проверен е и ажуриран списокот на уметнички дела, кои беа во дипломатско конзуларните претставништва на поранешната држава, за чија фактичка состојба нема информации, кој ќе биде испратен до Интерпол со цел на потрага и преземање дополнителни мерки од нивна надлежност. Министерството за надворешни работи на Србија додава дека состанокот во Сараево поминал во конструктивна и работна атмосфера и дека, и покрај сложеноста на процесот на сукцесија, компромисно бил остварен заеднички напредок и биле донесени значајни одлуки. Следниот, 21 -ви состанок на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатско -конзуларниот имот на поранешна Југославија, ќе се одржи во Загреб до средината на следната година. об/вј/  

Остани поврзан