• петок, 05 декември 2025

Заврши петтиот последен летен камп по вероучение во Бигорскиот скит во Битуше

Заврши петтиот последен летен камп по вероучение во Бигорскиот скит во Битуше

Дебар, 16 август 2025 (МИА) – Во Бигорскиот скит во село Битуше, посветен на светите сесловенски просветители и учители, рамноапостолните Кирил и Методиј, заврши петтиот и последен за ова лето камп по вероучение. 

Сестра Ефимија не го крие задоволството од големиот интерес за учество на летните кампови и додава дека во секое ново лето, Бигорскиот скит во живописното Битуше, се претвора во „мало духовно гнездо, каде што младите срца се собираат здружно за да се наполнат со светлина, со радост, со мудрост, како и за да стекнат нови пријателства“.

-Овој август, прекрасното подножје на планината Дешат уште еднаш беше сведок на чистата детска радост, искрените и длабоки разговори и инспиративните катихетски работилници. Во тие неколку дена, времето како да застана – сите грижи и брзината на секојдневието исчезнаа, а на нивно место се зацари љубовта, заедничарењето и духовниот мир, вели сестра Ефимија.

Како и претходните и петтиот камп, посочува, беше исполнет со многу креативни работилници и предавања. Овој пат, актерската школа беше предводена од неповторливиот актер Владо Дојчиновски, чија присутност, харизма, посветеност и беспрекорна работа го збогатија кампот на посебен начин. За многумина, тоа беа први допири со театарската магија, што придонесе тоа искуство долго да се памети.

Креативната работилница „Патот до книгата од идеја до полица“, којашто веќе четири години се реализира како проект на локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, беше особено инспиративна за младите. На неа тие се запознаа со процесот на создавање книга, поточно како се раѓа една идеја што создава книга. Беа согледани улогите на лекторот, илустраторот, издавачот и библиотекарот. Секое дете изработи своја книга, применувајќи ги сите елементи при процесот на создавање книга.

-Покрај овие две особено значајни креативни работилници, младите учесници присуствуваа и на часови по вероучение, каде што ги продлабочуваа своите знаења за верата и потребата од литургиски живот во Црквата. Во делот на домаќинството, учеа како со љубов и внимание сами да се грижат за секојдневните потреби – од готвење и ред, до меѓусебна помош и соработка. Деновите беа збогатени и со рекреација во прекрасната природа и спонтана дружба која младите ќе ја негуваат и откако ќе се вратат во своите домови, рече сестра Ефимија.

Ова, нагласува, беше последниот летен камп за чијашто реализација, пред сè, неизмерно сме му благодарни на Бога, а понатаму и на многуте наши верни донатори и спонзори, актери, просветни работници, теолози.

-Камповите по вероучение не беа само уште едно летно збиднување, туку духовно патување кое остави траен печат во срцата на сите присутни. Самата идеја, пак, благословот и заложбите за организирање вакви кампови за веронаука на најмладите му припаѓаат на нашиот возљубен Старец, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј. Со својата татковска љубов, духовната далековидост и неуморната грижа за младите, тој го посади семето од кое израсна и се разви ова прекрасно дело, вели сестрата.

Во петте летни кампови престојуваат околу 200 деца, кои, според сестрата, биле дојдени не само од „сите краишта на Македонија, туку и од Австралија, Австрија, Албанија, Америка, Германија, Италија, Холандија, Шведска“. вт/мд/

Фото: Бигорски манастир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан