• понеделник, 23 декември 2024

Заврши истражувањето на археолошките локалитети Велушка Тумба и Влахо

Заврши истражувањето на археолошките локалитети Велушка Тумба и Влахо
Скопје, 17 август 2021 (МИА) - Завршија археолошките истражувања на локалитетите Велушка Тумба кај Породин и Влахо кај Живојно. Овогодишното истражување беше насочено на едни од најраните неолитски населби во Пелагонија, a кое е дел од континуираната соработка меѓу ЦИП-Центар за истражување на предисторијата и НУ Завод и музеј - Битола. Во рамки на истражувањата, соопштија од ЦИП, се откриени остатоци од неолитски живеалишта и материјална култура и на двата локалитети, а кои се поврзани со првите земјоделци кои формирале населби во Пелагонија пред околу 8.000 години. - На Велушка Тумба се работеше во најдолните слоеви на населбата, каде се документираше една од најраните нејзини градби, и од која се открија под, огниште, колци и ѕидови, како и остатоци од садови, жртвеници, фигурини, мелници, алатки и др., се појаснува во соопштението. На локалитетот Влахо кај Живојно, кој претставува издигната тераса меѓу суводолици, се истражувале повеќе сонди со кои биле детектирани границите на оваа голема неолитска населба. - Притоа се открија повеќе слоја од ранонеолитската населба со остатоци од објекти градени од горен и негорен лепеж, компактни подови и големи огништа. Во и меѓу нив се пронајдоа фрагменти од садови, фигурини, алатки и мелници, кои говорат за стопанството и верувањата на првите предисториски земјоделци во пелагонската котлина, се наведува во соопштението од ЦИП. Истражувањата продолжуваат со археоботанички, археозоолошки и радиокарбон анализи, додека тековните и целокупните сознанија ќе се публикуваат во македонски и меѓународни списанија и зборници, и воедно ќе бидат претставени на неколку европски конференции. На тој начин, стои во соопштението, ќе се овозможи врвно претставување на македонското предисториско културно наследство и негово афирмирање меѓу еминентни научници и институции. цр/мд/

Остани поврзан