Завршена реконструкција на дел од водоводна мрежа на улица „Трајко Прокопиев“ Куманово
- Извршена целосна замена на дотраената водоводна мрежа, која со години предизвикувала проблеми за жителите.
Куманово, 16 април 2026 (МИА) - ЈП „Водовод“ Куманово ја заврши комплетната реконструкција на крак од улицата „Трајко Прокопиев“, со што е решен долгогодишен проблем со дефекти и протекувања, за што реагираа граѓаните. Директорот на претпријатието, Игор Ликовски информираше дека со проектот е извршена целосна замена на дотраената водоводна мрежа, која со години предизвикувала проблеми за жителите.

-Старата азбестна цевка е целосно отстранета и заменета со нова, висококвалитетна полиетиленска мрежа, со што обезбедуваме долгорочно и стабилно водоснабдување- изјави Ликовски.
Во рамки на реконструкцијата обновени се и сите приклучоци до домаќинствата на овој потег, со што, како што посочи Липковски, значително се подобрува квалитетот на услугата за граѓаните. По завршувањето на работите и тестирањето на новата мрежа, улицата е целосно асфалтирана и вратена во подобрена состојба. Тој додаде дека наместо привремени санации на дефекти, претпријатието се насочува кон трајни решенија.

-Ова е моделот по кој ќе продолжиме со модернизација на водоводната мрежа на ниво на цела општина- кажа Липковски.
Од ЈП „Водовод“ Куманово најавија продолжување на активностите за унапредување на инфраструктурата. ам/дма/
Фото: МИА и ЈП „Водовод“ Куманово