• четврток, 25 јули 2024

Ехуд Барак: Нетанјаху ќе ги ризикува животите на заложниците за да изгледа силен

Ехуд Барак: Нетанјаху ќе ги ризикува животите на заложниците за да изгледа силен

Тел Авив, 25 февруари 2024 (МИА) – Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак денеска во интервју за воено радио го критикуваше Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека израелскиот лидер е подготвен да ги ризикува животите на заложниците кои се држат во Газа ако тоа придонесе за неговиот имиџ.

- Поважно е Нетанјаху да изгледа силен отколку да постигне договор, тој е подготвен да ги жртвува животите на заложниците, рече Барак, кој беше и началник на Генералштабот на Израел, министер за одбрана и за надворешни работи.

Изјавата на Барак дојде во време на навестувања дека новиот договор за заложници со Хамас би можел да биде на дофат откако највисоките израелски безбедносни функционери се вратија од Париз, каде што се водеа разговори за ново примирје во војната во Газа, пренесе Бета.

Поранешниот израелски премиер повика на протести против владата откако демонстрантите и полицијата се судрија на синоќешните антивладини демонстрации во Тел Авив, кои беа најнасилните од почетокот на војната против Хамас на 7 октомври.

- Потребни ни се 30.000 граѓани да го опкружат Кнесетот (парламентот) во шатори три недели, дење и ноќе. Кога земјата ќе се затвори, Нетанјаху ќе сфати дека неговото време истече и дека таа нема доверба во него, рече Барак. јт/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан