„Ехо на единството“ – концерт на битолскиот Камерен оркестар
- НУ Камерен оркестар во битолскиот Офицерски дом одржа концерт „Ехо на единството“, симбол на длабокото духовно и уметничко поврзување меѓу двајца истакнати творци композиторите Евгениј Шчербаков и Гоце Коларовски.
Битола, 25 мај 2025 (МИА) - НУ Камерен оркестар во битолскиот Офицерски дом одржа концерт „Ехо на единството“, симбол на длабокото духовно и уметничко поврзување меѓу двајца истакнати творци композиторите Евгениј Шчербаков и Гоце Коларовски.
Во програмата беа застапени делата „Распеви“ од Гоце Коларовски, дело инспирирано од вокалната традиција и народниот мелос, кое преку камерна структура ги отвора хоризонтите на македонскиот звук во современ контекст, потоа делото „Самсара“ од Оскар Гигеле, „Расположение“ и „Концертино“ од Евгениј Шчербаков, „Анданте“ од Сони Петровски и други.
Диригент на концертот беше Евгениј Шчербаков, композитор, диригент и едукатор од Русија, кој сега живее во Канада. Како солист на концертот настапи виолинистот Симон Поповски, млад, наградуван македонски музичар со интернационално образование и искуство, познат по својата исклучителна интерпретативност и техничка зрелост, а покрај него, како солист на концертот учествуваше и Владимир Димовски, воедно основач на НУ Камерен Оркестар на Битола.
Концертот, што се одржа во битолскиот Офицерски дом, беше уште еден доказ дека камерната музика е жива, актуелна и способна да допре длабоко, кога е искрено создадена и искрено изведена, информираа од НУ Камерен оркестар на Битола.мт/фф/
Фото: НУ Камерен оркестар на Битола