ЕУ ја обновува цивилната мисија на границата меѓу Газа и Египет
- По преземањето на власта од страна на исламистичкото движење Хамас во 2007 година, ЕУ целосно го повлече своето присуство од граничниот премин, бидејќи не сакаше да соработува со организацијата.
Брисел, 13 октомври 2025 (МИА) - Европската Унија во среда повторно ќе ја активира својата цивилна мисија за надгледување на главниот граничен премин меѓу Појасот Газа и Египет, соопшти високата претставничка за надворешна политика Каја Калас.
Мисијата за гранична помош на ЕУ во Рафа (EUBAM Rafah) беше воспоставена во 2005 година за да го следи функционирањето на преминот Рафа на јужниот дел од Газа.
По преземањето на власта од страна на исламистичкото движење Хамас во 2007 година, ЕУ целосно го повлече своето присуство од граничниот премин, бидејќи не сакаше да соработува со организацијата.
Обидот за повторно активирање на мисијата во почетокот на годинава беше прекинат по кратко време, бидејќи мировниот договор меѓу Хамас и Израел не се одржа.
Во претходниот состав на мисијата беа распоредени граничари од Италија, Шпанија и Франција, а германската Влада подготвува услови за можно идно учество во мисијата.
Калас го најави повторното активирање на мисијата непосредно по ослободувањето на живите израелски заложници како дел од американскиот мировен план.
„Ослободувањето на заложниците е голем успех на дипломатијата и клучен чекор кон мир. Претседателот Трамп го овозможи овој пробив,“ напиша Калас на платформата Икс. ссм/
фото: архива