• петок, 13 март 2026

ЕУ обезбеди 81 милион евра хуманитарна помош за ДР Конго

ЕУ обезбеди 81 милион евра хуманитарна помош за ДР Конго

Брисел, 17 февруари 2026 (МИА) – Европската Унија ќе обезбеди 81,2 милиони евра (96 милиони долари) хуманитарна помош за луѓето погодени од тековниот конфликт во источниот дел на Демократска Република Конго (ДРК).

- Цивилите во источниот дел на ДР Конго се заробени меѓу куршумите и гладот – изјави денеска еврокомесарката за управување со кризи, Хаџа Лахбиб, за време на посетата на регионот.

- Семејствата бегаат, а преживеаните од насилството се борат да најдат дури и основна грижа – рече таа.

Конфликтот во овој регион богат со ресурси трае повеќе од 30 години. Тешките борби во источно Конго во декември повторно предизвикаа раселување на илјадници луѓе.

„ДРК се соочува со една од најтешките хуманитарни кризи во светот, поттикната од постојаните вооружени конфликти, масовното раселување, појавата на болести и длабоката сиромаштија“, соопшти Комисијата.

Во моментов, на повеќе од 21 милион луѓе им е потребна хуманитарна помош, а речиси 28 милиони во регионот се погодени од несигурност во храната, се вели во соопштението.

Парите од ЕУ се наменети за финансирање помош во храна, здравствена заштита и подобрување на пристапот до вода, санитарни услови и засолништа во источно Конго, но и за помош на раселените конгоански бегалци во Бурунди, Руанда и Танзанија.

Лахбиб ги повика страните во конфликтот да им овозможат на хуманитарните агенции подобар пристап до регионот.

- Самите пари нема да го сопрат страдањето. Хуманитарните работници мора да бидат во можност да стигнат до луѓето безбедно, брзо и без пречки – рече Лахбиб и повика на почитување на меѓународното хуманитарно право. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан