• недела, 22 декември 2024

ЕУ ги заострува правилата за борба против говорот на омраза на интернет 

ЕУ ги заострува правилата за борба против говорот на омраза на интернет 

Брисел, 12 октомври 2023 (МИА) – Европската комисија ја заврши дискусијата во рамките на Групата на високо ниво за борба против говорот на омраза и кривичните дела мотивирани од омраза, со цел надградба и усогласување на Кодексот на однесување за справување со омразата и нетолеранција со одредбите од Законот за дигитални услуги на ЕУ. 

Целта на изработката на новиот Кодекс на однесување+ е да се зајакне борбата против говорот на омраза на интернет. 

Како што соопшти денеска Европската комисија, подобрениот Кодекс ќе има за цел да стане алатка која не само што ќе биде реактивна и фокусирана на отстранување на содржините со говор на омраза, туку и да ги поттикнува онлајн платформите да ја подобрат превенцијата и да ги предвидат евентуални закани. 

- Кодексот на однесување против илегалниот говор на омраза, кој беше донесен во 2016 година, изминативе години стана ефикасен и успешен инструмент за справување со говорот на омраза на интернет. Незаконскиот говор на омраза на платформите брзо се отстранува, а повеќето известувања се разгледуваат од компаниите учеснички во рок од 24 часа. Но, сепак може и треба да се направи повеќе, се наведува во соопштението на ЕК. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, по повод надградбата на Кодексот, заменик-претседателката на Еврокомисијата за вредности и транспарентност, Вера Јоурова изјави дека тој е единствена алатка за борба против говорот на омраза. 

- Нелегалниот говор на омраза нема место во нашето општество, ниту онлајн, ниту офлајн. Законот за дигитални услуги обезбедува јасна правна рамка како да се справиме со нелегалниот говор на интернет. Како што се развиваат дигиталните предизвици, зајакнатиот Кодекс ќе помогне да се справиме со нив на флексибилни начини и во дијалог меѓу технолошките компании, граѓанското општество и Комисијата, нагласи Јоурова. 

Според еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс Кодексот на однесување, усогласен со водечките онлајн платформи, донесе значителен напредок во справувањето со говорот на омраза преку интернет.  

- Сепак, дигиталниот пејзаж еволуираше и се соочуваме со нови предизвици и закани во областа на онлајн говорот на омраза и слободата на изразување, истакна Рејндерс. 

Тој потсети дека во рамки на Законот за дигитални услуги, ЕУ веќе усвои обврзувачки правила за побезбеден и поодговорен интернет простор.  

- Сега брзо напредуваме кон Кодексот на однесување+ и ги поттикнувам сите потписници наскоро да постигнат амбициозен договор за да придонесат ЕУ да стане место каде што ќе нема место за омраза, додаде Рејндерс. 

На дискусијата на Групата на високо ниво е разговарано и за регулирањето на говорот на омраза во националните акциски планови  за борба против расизмот и антисемитизмот на земјите членки, согласно Акцискиот план на ЕУ за справување со расизмот за периодот 2020-2025 година и Стратегијата на ЕУ за борба против антисемитизмот. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан