• вторник, 04 февруари 2025

Етиката во религиите не смее да биде на маргините, туку во главните текови на образованието

Етиката во религиите не смее да биде на маргините, туку во главните текови на образованието

Дебар, 4 февруари 2025 (МИА) - Во изминатите години, прашањето за религиското образование во јавниот образовен систем на Македонија не престанува да буди разни дебати. Од периодот по Втората светска војна, кога овој тип на образование беше исклучен од училиштата како дел од социјалистичкиот проект за секуларизација, до денес, државата се соочува со предизвиците за балансирање на принципот на секуларност и правото на религиско образование.

Текстот, објавен на сајтот на Бигорскиот манастир, чиј автор е монахињата Ефимија која, пак, се повикува на претходни истражувања спроведени од еминентни професори и експерти, се занимава со важна и актуелна тема, имено односот помеѓу државата, религијата и образованието, со фокус на историјата и сегашните предизвици во Македонија во поглед на темата. Истакнати се меѓународните стандарди, како што се Европската конвенција за човекови права, Протоколите на ООН и др., кои го препознаваат правото на религиско образование како едно од основните човекови права, но и историските и политичките околности од нашето минато, кои често го комплицираа процесот на воспоставување стабилен модел на религиско образование, што ќе биде во согласност со принципите на демократската и секуларна држава.

Ви пренесуваме дел од објавениот текст што во интегрална форма насловен како „Секуларизам, демократизација и религиско образование“, можете да го прочитате на манастирскиот сајт, во кој сестра Ефимија изразува длабоко уверување во конечното позитивно решавање на ова прашање:

Во поновата историја на македонското демократско општество, дебатите за воведувањето и опстојувањето на религиското образование во јавниот образовен систем се оценети како врел костен. Во оваа смисла, повикувајќи се на секуларниот модел на односи помеѓу државата и верските заедници, многупати одредени политички субјекти го укинуваа или девалвираа религиското образование, сметајќи го како закана за секуларноста. Од друга страна, други политички субјекти, и покрај своето позитивно убедување во однос на религиското образование, не успеаја да најдат соодветни законски решенија за негово етаблирање во јавниот образовен систем.

Историски гледано, воведувањето на религиска настава во бившите социјалистички држави, донекаде ги исправи неправдите направени кон црквата и верниците во текот на децениското владеење на социјалистичкиот режим. На тој начин се прекина праксата на дискриминација врз верниците, каква што постоеше во социјалистичкиот период. Имено, религиската настава во Кралска Југославија пред Втората светска војна беше редовен предмет. Но, по завршувањето на војната, согласно промената на односот помеѓу државата и црквата, религиското образование беше исфрлено од училиштата. Новата социјалистичка власт, која се определи за секуларниот модел на уредување на општеството, повлече ригидна линија помеѓу државата и влијанието на верските заедници преку верското образование во училиштата.

После распадот на Југославија, религиското образование веднаш се враќа во јавниот образовен систем на Хрватска, но и во Босна и Херцеговина, а додека, пак, во Република Србија, дури во 2001, односно 2002 година. Кога станува збор за Република Македонија, веронауката се враќа во училиштата во 2003 година, за веднаш потоа да биде укината.

Кратка компаративна и правна перспектива

Од денешна перспектива, во поголемиот број секуларно уредени држави влијанието на религијата е многу значајно, особено во делот на образованието. Така на пример, Европа оцени дека религиското образование промовира општествена толеранција, мир и почитување на различностите, па затоа му даде посебно место во јавните училишта. Самата негова застапеност гради морални личности, кои се способни да препознаваат и со тоа правилно да селектираат меѓу различните понудени вредносни системи, како и да се залагаат за сочувување на демократските принципи во конкретното општество. Полибералниот модел на секуларизам смета дека црквата ја култивира религиозно-моралната страна на човечката душа. Државите, кои под влијание на специфични историски и културни околности го воспоставиле тој секуларен модел на односи, го регулираат правниот поредок и ја отстрануваат секоја пречка која се наоѓа на патот кон развојот на духовната култура во човекот. Тие во религијата не само што не гледаат свој непријател, туку напротив, согледуваат моќен фактор кој делува позитивно и им помага за успешно исполнување на нивните задачи за општото добро на сите граѓани.

Слободата на религијата е заштитена со член 9 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), и со член 18 од Универзалната декларација за човековите права (УДХР). Генералното собрание на ООН усвои два пакта за човековите права: Меѓународен пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународен пакт за граѓански и политички права. Со нив, одредбите од УДХР, вклучувајќи ги и оние за слободата на вероисповед, прераснаа во правно-обврзувачки норми за државите кои пристапија кон двата пакта (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2020). Во член 18 од Пактот за граѓански и политички права стои дека секое лице има право на слобода на мислата, на совеста и на вероисповедта. Ова право ја подразбира слободата на исповедувањето и на примањето вера или убедување по свое наоѓање, како и слободата таа вера или убедување да ги манифестира поединечно или заедно со други, како јавно, така и приватно, преку култ, преку вршење верски и ритуални обреди и преку веронаука. Државите страни на овој пакт се обрзуваат да ја почитуваат слободата на родителите, а во даден случај на законските старатели, да им го обезбедат на своите деца она верско и морално образование што е во согласност со нивните сопствени убедувања (International Covenant on Civil and Political Rights).

Декларацијата за елиминација на сите форми на нетолеранција заснована на религија или верување, која е усвоена од страна на Генералното собрание на ООН во 1981 година, исто така го обезбедува правото на децата да имаат пристап до образование поврзано со религиите во согласност со желбите на родителите и истовремено ја забранува дискриминацијата врз децата по основ на религија или верување (Declaration). Во член 2 од Првиот протокол на ЕКЧП, се вели дека правото на образование не може да му се оспори никому. При извршувањето на своите активности преземени во областа на образованието и наставата, државата е должна да се грижи за заштита на принципот на недискриминација и да го почитува правото на родителите да обезбедат образование и настава согласно своите верски и философски убедувања (Конвенција). Следствено, државата има обврска не само да обезбеди право на образование за секого, туку и право на религиозно образование за секого. Со овозможувањето да се оствари ова право во училиштата, државата, всушност, ја извршува својата обврска кон граѓаните, а не кон црквата, верските заедници и религиозни групи. Притоа се запазува и принципот на секуларност во државата, бидејќи во ниту еден момент не се навлегува во односот држава-верски заедници, туку се овозможува непречено остварување на правото на граѓаните за образование (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2018).

Правото на изучување на религиите, правото на познавањето на нивната историја и развој, правото на учење за сопствената религија, е универзално и цивилизациско право, кое е многу пошироко од Црквата или од другите верски заедници и религиозни групи. Религиозното образование е вредност на секое плурално општество, а религијата е дел од националната историја, култура и традиција на секоја земја.

Состојбите и предизвиците на религиското образование во Северна Македонија

По однос на прашањето за верско образование во воспитно-образовните установи, Македонија има бурна историја. Религијата се враќа во основното образование во 2002 година, а веднаш потоа доаѓа период на нејзино отсуство од јавниот образовен систем, како резултат на донесена одлука на Уставниот суд на РМ, после поднесена иницијатива на граѓанин за укинување на решението на Министерот за образование. Во 2008 година по втор пат се воведува изучувањето на веронауката, но во 2009 година повторно се укинува со одлука на Уставниот суд на РМ, кој тогаш расправаше по иницијатива на политичка партија што поведе постапка за оценување на уставноста на член 26 (со кој се регулираше религиското образование) од Законот за основно образование. Уставниот суд го укина член 26 од овој Закон, со образложение дека со тоа се надминати границите на секуларноста во образованието во РМ преку прашањето на веронауката. Судиите сметаа дека со воведувањето на веронауката во јавното образование се надминува академскиот и неутрален карактер на наставата, што е карактеристика на јавното образование и се инволвира државата во организирање на верска настава наспроти уставниот принцип на одвоеност на државата и црквата. Меѓутоа, како резултат на децениската борба и притисокот од јавноста постигнат е одреден баланс, со тоа што државата дозволи изучување на религиите во основното образование, но од секуларен (неутрален) аспект, со кој не се загрозува уставно утврдениот концепт на одвоеност на државата од верските организации. Така, воведен е предметот Етика во религиите, и тоа како задолжително-изборен предмет за учениците од шесто одделение, кој од секуларна гледна точка ги изучува моралните аспекти на оние вероисповеди што се признаени со Уставот на нашата земја (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2018). Со последната, пак, Концепција за основно образование од 2021 г., задолжително-изборниот предмет Етика во религиите добива нов, уште понизок статус, станувајќи дел од групата на слободно-изборни предмети, со што практично и не постои.

Од денешна перспектива, нејасно е зошто е негирана претходно постигнатата усогласеност меѓу Уставот и Законот за основно образование, односно воспоставениот баланс меѓу секуларната држава и волјата на мнозинството верници. Европските секуларни држави одамна се соединија во своите концепти за што поголема застапеност на религиите во образованието, со цел полесно надминување на општествените проблеми и девијации, како и прифаќањето на различностите. Во таа смисла и македонските ученици во текот на основното образование треба да имаат можност да го запознаат не само сопствениот етичко-религиозен систем, туку и оној на другите. Притоа, тука мора да се нагласи дека Етика во религиите најмногу придонесува за социјалната сплотеност и кохезија во едно општество и не врши религиозна индоктринација, туку основната негова цел е да ги запознае учениците со културата и традицијата на којашто припаѓаат, бидејќи во македонски општествен контекст, религијата е на иста линија и со културата, уметноста и литературата, развивани низ сите векови наназад. Друга култура, уметност и литература, скоро и да немаме (Ѓорѓевски, 2018).

Затоа, во современ контекст, при дебатите за заштитата на правата и слободите на човекот, односно на учениците, неопходно е да се дискутира и за правото на религиско образование, како и за придобивките од неговото враќање во јавниот образовен систем, што несомнено ќе ги заштити децата од искривениот светоглед, вклучително и од погрешната религиска едукација и неинформираност. Дополнително, носењето на решенија во светло на обврските кои произлегуваат од ратификуваните меѓународни договори во оваа смисла, ќе го разбие и погрешниот општествен став околу односот помеѓу државата и верските заедници. Следствено, политичката гарнитура која ќе го изрази својот полн демократски капацитет во решавањето на ова прашање, ќе направи историско дело, исправајќи ја неправдата настаната со кршењето на правото на религиско образование за децата од Македонија, но и ќе ја сопре дискриминацијата врз професионалниот кадар, обучен да го систематизира и предава овој вид образование во македонските училишта.

Затоа, училишната средина мора да ја одигра својата битна улога. А тоа ќе го стори, доколку воспитната компонента, која подразбира градење на дух на соработка, отвореност, плуралност во размислувањата, дух на дијалог со сите различни луѓе во општеството, е присутна во македонското образование. Во таа мисла, да се разбере и воедно аргументира потребата од изучувањето на етичко-религиските вредносни системи во јавниот образовен систем е далеку повеќе од само почитување на основните демократски права и слободи. Тоа е потреба која задира многу подлабоко во општествените слоеви, каде сите облици на верски и друг вид фундаментализам, можат ефикасно да бидат сопрени преку давање соодветна едукација на младите луѓе за историјата и филозофијата на главните религии на објективен и непристрасен начин (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2018).

Длабоко веруваме дека прашањето околу поголемата застапеност на етичко-религиското образование во јавното образование конечно ќе биде разгледано во едно позитивно светло, без стравови и предрасуди во врска со истото. Впрочем, целта е да се отворат пристапи и можности за сите заедно да го прифатиме предизвикот на денешната општествена реалност, зашто само заеднички би успеале истата да ја промениме. Етичко-религиското образование не смее да биде на маргините, туку во главните текови на основното образование на децата, бидејќи токму таму се наоѓаат зачетоците на создавање и градење на културата на една епоха. вт/

Фото: Бигорски манастир

 

Остани поврзан