ЕСМ ќе проверува дали топланите Исток и Запад може да работат и на дизел
- АД ЕСМ по 15 ноември ќе изврши практична проверка дали двете топлани Исток и Запад можат да работат на дизел. Тест периодот, како што денеска информира генералниот директор Васко Ковачевски,
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) – АД ЕСМ по 15 ноември ќе изврши практична проверка дали двете топлани Исток и Запад можат да работат на дизел. Тест периодот, како што денеска информира генералниот директор Васко Ковачевски, ќе трае 10 дена, а временските услови и намалениот конзум на топлинска и на електрична енергија овозможуваат тоа да се направи.
ЕСМ веќе има набавено природен гас за топланите Исток и Запад до 15 ноември. По преземањето на топланите Исток и Запад под закуп од АД Адора, ЕСМ, како што истакна Ковачевски, веднаш почна да ги подготвува да можат да работат и на алтернативно гориво како втора варијанта, а тоа е дизел горивото во случај да го нема природниот гас или да има екстремно висока цена.
-Од 15 ноември ќе бидеме подготвени да направиме одреден тест период да се вклучат топланите Исток и Запад на дизел гориво со цел да го пробаме системот и да видиме дали може да работи и со овој енергенс, бидејќи во минатото работел на мазут кој е еколошки многу понеподобен. Тоа го правиме за да бидеме сигурни дека во целост ќе можеме да ги задоволиме потребите со топлинска енергија во подоцниот период на грејната сезона или во наредните сезони и доколку има проблеми со набавка на природен гас, изјави Ковачевски.
Нагласи дека во период кога функционира приватната гасна когенеративна електрана ТЕ-ТО се добиваат околу 60 проценти од потребната топлинска енергија за топлификацискиот систем во Скопје, а останатите 40 проценти ги обезбедуваат топланите Исток и Запад.
-Токму затоа и заради поволните временски услови планот на техничките кадри во ЕСМ топлинска енергија е да направат тест период од 15 ноември со промена на енергенсот и наместо гас да се употреби дизел гориво. Префрлувањето ќе биде за не повеќе од 24 часа, но тоа не значи дека во тој период граѓаните на Скопје ќе останат без топлинска енергија. Прво едната топлана ќе се префрла на дизел, а потоа другата, но при тоа најголем дел од топлинската енергија во континуитет ќе се добива од ТЕ-ТО и нема да има намалена испорака на топлинска енергија, прецизира Ковачевски.
Префрлањето на друг енергенс, како што рече, се прави за да се осигураат како компанија, но и граѓаните да бидат сигурни дека ќе има парно греење без оглед какви ќе бидат околностите во наредниот период во делот на испорака на природниот гас.
-Техничките лица планираат најмалку 10 дена една од топланите да работи на дизел гориво за да можат да се пратат параметрите и да може да се испита комплетниот систем. Во двете топлани се поставени нови 10 најсовремени пумпи за дизел гориво, а во моментов се чисти и системот кој претходно беше користен на мазут. Техничките лица ќе дадат информација колку дена ќе требаат дополнително за да се осигура дека тој систем ќе може да функционира на дизел гориво, посочи Ковачевски и додаде дека набавката на пумпите и чистењето на системот чини 330 илјади евра.
Порача дека дизелот го има во државните резерви и е полесно достапен и полесно може со него да се изменаџира евентуална криза со природниот гас за разлика од мазутот кој го нема на залиха и многу повеќе загадува.
Според Ковачевски, доколку топланите работат на дизел во моментов производството на топлинска енергија ќе биде поевтино за 20 до 30 проценти отколку на гас, но заради екологијата топланите ќе работат на природен гас се додека нема евентуални проблеми за негова набавка. вј/ац/