• петок, 05 декември 2025

Еслами: Иран продолжува по својот пат, не примаме наредби од никого

Еслами: Иран продолжува по својот пат, не примаме наредби од никого

Техеран, 24 септември 2025 (МИА) – Претседателот на Иранската организација за атомска енергија, Мохамед Еслами, реагирајќи на изјавите на американскиот министер за енергија Крис Рајт за укинување на нуклеарната програма на Иран, изјави дека Техеран не прима наредби од ниту една земја.

- Ние не примаме наредби од никого. Изјавите на американскиот министер за енергија за нас не се важни. Нивните притисоци, насилство, санкции, напади, војни, судири и завери му нанесоа штета на нашиот народ, но ние продолжуваме по нашиот пат, рече Еслами во интервју за Раша тудеј, пренесува агенцијата Тасним.

Тој нагласи дека нуклеарната програма на Иран е мирољубива и оти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) врши строга контрола над неа.

Покрај тоа, тој напомена дека досега нема никакви извештаи за отстапување од курсот на нуклеарната програма на Иран. Еслами посочи дека Иран ги произведува сите потребни производи и материјали за својата нуклеарна програма во рамките на земјата.

- Нашиот пат и програмите се јасни, додаде тој.

Американскиот министер за енергија, на годишната конференција на Агенцијата за нуклеарна енергија, побара целосно отстранување на иранската програма за збогатување на ураниум и капацитетите за преработка на плутониум.

- Ако ова прашање претходно не беше доволно јасно, ќе го повторам ставот на САД: Нуклеарниот пат на Иран мора да биде целосно елиминиран, рече Рајт. јт/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан