• недела, 22 декември 2024

Ердоган: Турската поддршка на Либија спречи пад на Триполи, нови крвопролевања и овозможи примирје

Ердоган: Турската поддршка на Либија спречи пад на Триполи, нови крвопролевања и овозможи примирје
Анкара, 12 април 2021 (МИА) – Турската поддршка на Либија спречи пад на главниот град Триполи, спречи нови крвопролевања и овозможи примирје, изјави во Анкара по состанокот со либискиот премиер Абдул Хамид Дбеибех, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јави агенцијата Анадолија. - Поддршката која и ја пруживме на Либија во рамките на потпишаниот договор во областа на безбедноста и воената соработка спречи пад на Триполи, спречи нови масакри и овозможи примирје. Поддршката на Турција истовремено го отвори патот кон Берлинската конференција и го оживеа политичкиот процес, рече Ердоган. Тој истакна дека, како резултат на сите овие напори, овозможено е основање на Владата на национално единство на Либија. - Приоритетно ни е овластувањата на Владата на национално единство да ја опфатат земјата во целина. Интеграцијата на институциите и вооружените сили и унапредување на процесите на националното единство се од исклучителна важност. Неопходно е развивање на јавните служби, за да нашите либиски браќа имаат подобар живот, додаде Ердоган и упати повик до меѓународната заедница „на Либија да и пружи искрена поддршка за да има напредок во сите наброени области и со цел изборите да се одржат во планираното време“. Како што јави Анадолија, Ердоган најави и интензивирање на активностите со цел јакнење на економската соработка. - Со премиерот на Либија сме согласни во врска со поинтензивни чекори кон враќање на приватниот сектор на Турција во оваа земја, рече Ердоган и додаде дека ќе продолжат напорите за Либија во која ќе владее мир, стабилност и благосостојба“. Говорејќи за договорите во врска со поморските овластувања, турскиот претседател рече дека „договорите кои се потпишани со Либија во врска со поморските овластувања се гаранција за стабилноста на двете земји“. Ердоган на заедничката прес-конференција соопшти и дека неговата земја од утре на Либија ќе и испорача 150 илјади дози вакцини против коронавирусот и укажа на значењето на соработката и помошта на пријателските и братските народи, кои споделуваат заедничко минато.

Остани поврзан