• четврток, 25 јули 2024

Ердоган: Случувањата во Газа се пат до геноцид

Ердоган: Случувањата во Газа се пат до геноцид

Анкара, 1 март 2024 (МИА) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган на денешното отворање на Дипломатскиот форум во Анталија изјави дека настаните во Газа дефинитивно не се војна, туку пат до геноцид.

- Настаните во Газа секако не се војна, тоа е пат кон геноцид, бидејќи дури и војната има морал, правила и закони кои мора да се почитуваат. Варварство е што ги осудува бебињата во мајчините раце на глад и жед, бомбардира болници, цркви, џамии, училишта, универзитети, бегалски кампови и амбулантни возила и подмолно и нечесно ги гаѓа цивилите кои чекаат на ред за помош во храна, исто како вчера, посочи Ердоган.

Според него во Газа не се брутално убиени само деца, жени и цивили, туку убиена е и вербата на милијарди луѓе во меѓународниот систем, правдата и правото. Ердоган наведе и дека западните сили, кои безусловно го поддржуваат Израел од првиот ден, се соучесници во крвопролевањето.

- Уште еднаш ја повикувам меѓународната заедница искрено да ја поддржи Газа и палестинското прашање. Меѓународната заедница може да го плати својот долг кон палестинскиот народ само со формирање палестинска држава. Формирањето на независната држава Палестина, со источен Кудс како главен град, е неопходност. Турција е подготвена да преземе одговорност, вклучително и да биде гарант, истакна Ердоган.

На третиот Дипломатски форум во Анталија во следните три дена ќе учествуваат претставници на 147 држави, вклучително 19 претседатели, 73 министри и 57 претставници на меѓународни организации. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан