Ердоган повика на акција: Газа е на работ на хуманитарен колапс
- Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во напис за „Ал Џезира“ повика светот да дејствува за да се стави крај на војната во Газа, предупредувајќи дека блокираната палестинска енклава е на чекор до целосен хуманитарен колапс поради израелските напади.
Анкара, 16 август 2025 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во напис за „Ал Џезира“ повика светот да дејствува за да се стави крај на војната во Газа, предупредувајќи дека блокираната палестинска енклава е на чекор до целосен хуманитарен колапс поради израелските напади.
Шефот на Дирекцијата за комуникации на претседателството на Турција, Бурханетин Дуран, најави дека текстот ќе биде објавен и на турската платформа за социјални медиуми „Next Sosyal“.
Во написот со наслов „Совеста на човештвото на тест во Газа“, кој беше објавен на англиски и арапски јазик, Ердоган го обвини Израел дека спроведува систематска политика на уништување на Палестинците.
„Гладот, жедта и опасноста од епидемии ја водат Газа кон целосен хуманитарен колапс“, напиша турскиот претседател.
„Досега повеќе од 61.000 Палестинци, најмногу жени и деца, се убиени во израелските напади“, додаде тој.
Ердоган посочи дека Турција доставува храна, лекови и медицински материјали во Газа, со помош на блиските „братски нации“, како и дека евакуирала ранети Палестинци на лекување во Турција.
Тој истакна дека Анкара и натаму инсистира на прекин на огнот во Обединетите нации и во Организацијата за исламска соработка, додека паралелно посредува меѓу палестинските групи. ссм/
фото: архива