„Ер-Би- Ен-Би“ ќе воведе построга контрола за камерите за надзор
- Корисниците претходно многупати изразија загриженост за непристојна употреба на камери во становите и куќите што се изнајмуваат.
Лос Анџелес, 12 март 2024 (МИА) - Агенцијата за наоѓање туристички сместувања и изнајмувања, „Ер-Би-Ен-Би“ (Airbnb) објави дека воведува построга делумна забрана и контрола за употребата на камери за надзор во имотите што се изнајмуваат ширум целиот свет.
Промената на практиката на компанијата стапува во сила на крајот на следниот месец, а целта е поедноставување на правилата за безбедност, како и да ѝ се даде приоритет на приватноста на гостите. Корисниците на „Ер-Би-Ен-Би“ претходно многупати изразија загриженост за непристојна употреба на камери во становите и куќите што се изнајмуваат.
„Овие промени беа направени по консултации со нашите корисници, домаќините и стручњаците за приватност. Ќе продолжиме да бараме повратни информации за да се осигураме дека нашите политики функционираат за нашата заедница ширум светот. Со оглед на фактот дека повеќето огласи на 'Ер-Би-Ен-Би“ не спомнуваат поседување камери за надзор, се очекува овие промени во политиката да придонесат и за помалку огласи на платформата“, соопшти официјалниот претставник на агенцијата.
„Ер-Би-Ен-Би“ во мигов дозволува користење камери за надзор во заедничките, простории како дневни соби и ходници, сé додека тие се наведени во огласот.
Новите правила забрануваат и надворешни камери насочени кон внатрешноста на зградите. Агенцијата за интернет-изнајмувања простор нема да дозволува камери во приватни простории, како што се спални соби и бањи. Сепак, новите правила дозволуваат камери кај влезовите, во ѕвончињата, како и уреди за следење звук во заедничките простории. Овие уреди ќе мора да бидат наведени во огласот.
„Ер-Би-Ен-Би“ истакнува дека се бара рамнотежа меѓу потребите на домаќините за безбедноста на нивниот имот и недозволените забави и, од друга страна - приватноста на гостите. Објавата доаѓа неколку дена откако американската емисија „Сатурдеј најт лајв“ (Saturday Night Live) прикажа сатирична лажна реклама со шега за камера скриена во тоалет. си/сд/
Фото: „Х“