ЕП усвои Резолуција за мировниот план за Украина и нови правила за лобистите на трети земји
- Европскиот парламент денеска ја усвои Резолуција за ставот на ЕУ во врска со предложениот план и ангажманот на Унијата за праведен и траен мир за Украина, а ги поддржа за новите правила за лобистите што застапуваат интереси на трети земји.
Стразбур, 27 ноември 2025 (МИА) – Европскиот парламент денеска ја усвои Резолуција за ставот на ЕУ во врска со предложениот план и ангажманот на Унијата за праведен и траен мир за Украина, а ги поддржа за новите правила за лобистите што застапуваат интереси на трети земји.
Со Резолуцијата за мировниот план за Украина, усвоена со 401 глас „за“, 70 „против“ и 90 „воздржани“, европратениците ја повикуваат ЕУ да преземе поголема одговорност за европската безбедност и да го поддржи мирот во Украина на најпроактивен начин.
Во документот се бара ЕУ и земјите членки „да покажат лидерство во овој клучен геополитички момент“ и да продолжат да работат со Вашингтон и другите партнери за да се осигурат дека преговорите за праведен и траен мир ги почитуваат принципите на меѓународното право. Европратениците сметаат дека на секој одржлив мир мора да му претходи ефективен прекин на огнот и да биде поткрепен со робусни безбедносни гаранции на ЕУ и САД за Киев, со цел да се спречи, одврати и веднаш да се спротивстави на секоја нова агресија.
Во Резолуцијата, исто така, се наведува дека која било привремено окупирана украинска територија нема да биде правно признаена од ЕУ и нејзините земји членки како руска територија. Европратениците ја нагласуваат и потребата од европско вклучување во какви било мировни преговори, бидејќи „исходот од украинската војна ќе има длабоко влијание врз целиот европски безбедносен поредок“, па затоа повторуваат и дека „ништо за Украина не треба да се одлучува без Украина, а ништо за Европа без Европа“.
Во документот се нотираат напорите на Американската администрација за прекин на руската воена агресија врз Украина, но се додава дека „политичката амбивалентност“ на Вашингтон кон Киев е штетна за целта за постигнување траен мир. Европратениците, исто така, нагласуваат дека секој мировен договор не смее да става ограничувања на можностите на Украина да го брани својот суверенитет, независност и територијален интегритет и дека Киев има слобода да ги избере своите безбедносни и политички сојузи без Русија да има право на вето на тоа.

Резолуцијата, исто така, нагласува дека секој мировен договор мора да предвиди и целосна компензација од страна на Русија за предизвиканата материјална и нематеријална штета во Украина.
Европратениците воедно апелираат до ЕУ и земјите членки да го усвојат и имплементираат без понатамошно одложување т.н. „заем за репарација“ за Украина со користење на замрзнатите руски средства и бараат Унијата да не согласи на укинување на санкциите кон Русија пред да биде спроведен секој мировен договор постигнат со преговори.
Европарламентот со 392 гласа „за“, 88 „против“ и 133 „воздржани“ ги усвои и новите правила за лобирање во име на трети земји со цел да се оствари влијание врз политиката, законодавството или донесувањето одлуки во ЕУ. Со новите правила ЕУ сака да ги зајакне транспарентноста и демократската одговорност при застапувањето на интересите на трети земји, без ограничување на легитимното граѓанско ангажирање.
За таа цел со регулативата се бара задолжително воспоставување на регистри на лобисти на ниво на земјите членки, кои би биле меѓусебно поврзани преку централизиран портал на ЕУ. Секој регистриран лобист би добил „единствен европски број за застапување на интереси“ (ЕИРН), што ќе важи на ниво на целата ЕУ.
Со цел да се спречи стигматизација на лобистите и изедначување на регулативата со законите за „странски агенти“ во некои земји, се предвидува документот да „не може да се користи за етикетирање или казнување на субјекти, вклучително и организации на граѓанското општество или за ограничување на граѓанскиот ангажман“, за забрана на активности, како и за барања за откривање на изворите на финансирање од трети земји, доколку не е поврзано со одредено застапување на интереси.
Дополнително, на денешното продолжение од овонеделната парламентарна сесија, европратениците усвоија и резолуции за осуда на актуелниот конфликт и континуираното насилство во Судан и за состојбите со човековите права во Танзанија, Иран и Тунис. сп/јт/
Фото: Европски парламент