• петок, 22 ноември 2024

ЕП бара санкции за одговорните за убиството на младата Иранка Махса Амини

ЕП бара санкции за одговорните за убиството на младата Иранка Махса Амини
Стразбур, 6 октомври 2022 (МИА) - Претставниците на Европскиот парламент во денеска усвоената резолуција повикаа да се санкционираат иранските службеници вмешани во убиството на младата Махса Амини. Дваесет и двегодишната девојка почина на 16 септември во болница во Техеран, три дена по нејзиното апсење поради „непрописно носење хиџаб“. Сведоци тврдат дека полицијата ја одвела Амини во возило, каде таа била претепана. Протести поради нејзината смрт се одржуваат секоја вечер од 16 септември. И покрај меѓународните повици да запре примената на сила над демонстрантите, властите и понатаму се однесуваат грубо кон нив, пишуваат дел од светските медиуми. Европратениците ја осудија нејзината смрт и ја повикаа Европската унија да ги санкционира убијците на младата Амини, како и сите кои учествувале во насилното задушување на протестите со повеќе жртви. Упатен е повик до Советот за човекови права на Обединетите Нации со цел да ги истражи најновите случувања во Иран. Од иранските власти се бара веднаш и безусловно да бидат ослободени сите оние кои се затворени исклучиво поради мирното остварување на нивните права на слобода и изразување, здружување и мирно собирање и да се отфрлат сите обвиненија против нив и останатите борци за човекови права. На 12 април 2011 година, Европската унија воведе санкции против Иран поради сериозно кршење на човековите права. Дополнителни мерки се додадени на 23 март 2012 година, а меѓу нив и ембарго на опрема што може да се користи за внатрешна репресија, за надзор или за пресретнување на интернет и телефонски комуникации на мобилни или фиксни мрежи. Санкциите се на сила до 2023 година. Нов пакет санкции може да биде подготвен за состанокот на министрите за надворешни работи на Европската Унија на 17 октомври. За негово усвојување потреба е едногласна одлука на сите членки. бд/сд/

Остани поврзан