Епископ Партениј сослужуваше во манастирот на Света Параскева, близу Атина
- Во изминатите два дена, 25/26 јули по нов календар, кога се слави споменот на светата Преподобномаченица Параскева Римска, со благослов на високопреосвештениот митрополит Дебарско-кичевски г.
Дебар, 27 јули 2022 (МИА) - Во изминатите два дена, 25/26 јули по нов календар, кога се слави споменот на светата Преподобномаченица Параскева Римска, со благослов на високопреосвештениот митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во Свештената Обител во месноста Мази, во Мегара, во близина на грчката престолнина Атина, на отслужената божествена Литургија заедно со митрополитот Адријанополски г. Амфилохиј и Игуменот Архимандрит г. Хризостом, сослужуваше и епископот Антаниски, г. Партениј, Игумен на Бигорскиот манастир.
Во овој патријаршиски и ставропигијален манастир се чуваат и моштите на светата Параскева, на кои дојдоа да се поклонат илјадници луѓе.
- Восхитувачки беше братскиот пречек, широкосрдечното гостопримство и смиреното и ревносно служење на браќата монаси, со нивниот свет Игумен г. Хризостом и со Високопреосветениот Митрополит Адријанополски г. Амфилохиј – наш особено драг пријател, искрен почитувач на Охридската Архиепископија и посветен борец за нејзиното прифаќање во единство со православниот свет. Во духот на гостољубието и единството во Христа, нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, беше пречекан и примен со голема радост и почести. Најнапред, нему му беше дадена честа да изврши водосвет на самиот почеток од празничното торжеството на манастирската слава. Потем беше пречекан претставникот од Вселенската Патријаршија, почитуваниот и Високопреосветен Митрополит Лаодикиски г. Теодорит, кој ни го пренесе благословот и молитвите на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј. Утредента тој чиноначалствуваше на Божествената Литургија, во сослужение со домаќинот, Митрополитот Адријанополски г. Амфилохиј, со нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј и со бројни архимандрити, игумени, свештенослужители од Вселенската Патријаршија, од православната Црква на Грција, како и од други земји во светот. Соборната молитва и богослужение на грчки, црковнословенски и македонски јазик, антифоното византиско пеење на браќата од нашата Бигорска Обител и од Обителта на Преподобната Параскева беше потврда дека во Христа Исуса не постојат поделби и предности, туку дека љубовта Божја е таа што исполнува сѐ и која колку повеќе се разделува, толку повеќе се умножува, велат од Бигорски.
Додаваат дела во своето празнично обраќање, почитуваниот игумен на обителта, архимандрит г. Хризостом, ја истакнал, меѓу другото, и благотворната улога на неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во запазувањето и јакнењето на соборноста и единството на православната црква
- Во рамките на соборноста што ја поседува Вселенската Патријаршија, таа помирува и прегрнува народи, племиња и јазици, луѓе од секој род и секоја раса, но секогаш, како што честопати вели Сесветиот Патријарх, луѓе со добра волја. Така, исклучителен благослов за нас е тоа што меѓу нас се наоѓа преосвештениот Антаниски Епископ г. Партениј, од најсветата Охридска Архиепископија - црквата што Вселенската Патријаршија ја прегрна, како што и требаше според евангелското слово, и ја прими во бедрата на светата православна црква. Како игумен на прочуената и многу славна обител на Чесниот Претеча - Бигорски, тој допатува заедно со својата придружба, со своите браќа, кои, како што слушнавме, се добро ускладени псалти. Тие дојдоа за да земат учество во нашиот празник и во радоста на Света Параскева и да примат и благодат врз благодат, рекол тој.
За значењето пак, и за борбата на Вселенскиот Патријарх за православната соборност говорел и почитуваниот Митрополит Лаодикиски г. Теодорит.
- Возљубени мои браќа, како што кажа почитуваниот и мој возљубен игумен на оваа Света Обител, отец Хризостом, ја имам честа и радоста да ја претставувам Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Ние Патријархот го живееме одблизу и го вреднуваме објективно. Цели триесет години тој преставува едно светло присуство во светот. Тој е патријарх кој ја отвори својата прегратка и го прегрна сиот свет. Слушнавте дека вечерва помеѓу нас ги имаме нашите браќа од Охридската Архиепископија. Тоа е навистина дело на љубовта, на промислата, на грижата и на заштитата на православната Црква од страна на Вселенскиот Патријарх, порача г. Теодорит.
Инаку, епископ Антаниски г. Партениј на 17 месецов во Солун, во црквата посветена на мајка Богородица имаше историско бослужение бидејќи беше прво архијерејско служење на владиката Партениј во Солун. вт/цр