Енергетска ефикасност за два општински објекти и реконструкција на подрачно училиште во општина Валандово
- Општина Валандово објави повик за поднесување на понуди за реконструкција на општинската зграда и ЈОУ Дом на култура „25-ти Мај”, во рамки на проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор.
Валандово, 5 март 2026 (МИА) - Општина Валандово објави повик за поднесување на понуди за реконструкција на општинската зграда и ЈОУ Дом на култура „25-ти Мај”, во рамки на проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор.
Како што е наведено во огласот, за реализација ќе се користат дел од средствата што државата ги добила како заем од Интернационалната банка за обнова и развој (ИБОР), за финансирање од страна на Светска банка на трошоците за проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор.
- Во тек е јавна набавка за проектот кој ќе предвиди енергетска ефикасност за два објекти – општинската зграда и Домот на културата. Во зградата на општината веќе се во тек реконструкција на подот и замена на вратите, а по изборот на најповолна понуда предвидени се замена на кровот, термо фасада, нова топлинска пумпа, поставување фотоволтаици и систем за греење и ладење. Во Домот на културата, меѓу другото, се планира промена на сите прозорци, со оглед на тоа што голем дел од објектот е застаклен, нова фасада и систем за греење, вели градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев.
Општината ги повика заинтересираните да ги достават понудите до 24 март, а јавното отворање е закажано за истиот ден.
Покрај овие активности, општинските власти работат и на реконструкција на подрачното општинско училиште “Даме Груев” во село Брајковци, со средства од унгарскиот кредит.
Освен обнова на објектот по современи стандарди, предвидени се две нови игралишта во школскиот двор за мал фудбал и кошарка.
Градоначалникот Камчев најави дека во следниот период ќе започне реконструкција и на објектот на општинското комунално претпријатие.рш/са/
Фото: МИА