• четврток, 05 декември 2024

Ел Салвадор „лежи“ врз злато вредно три билиони долари, вели претседателот

Ел Салвадор „лежи“ врз злато вредно три билиони долари, вели претседателот

Сан Салвадор, 4 декември 2024 (МИА) - Претседателот на Ел Салвадор Наиб Букеле на собир пред граѓаните го повтори тврдењето дека оваа централноамериканска држава поседува огромни резерви на злато, што претставува неискористен потенцијал.

Во своето обраќање, Букеле изјави дека Ел Салвадор е свесен за потребата од заштита на природата, но дека процесите на искористување на ресурсите може да се одвиваат без уништување на околината.

- Ние сме единствената земја која забранува ископувања и рударење. Тоа не го прават ни Хондурас, ниту Гватемала, САД, а Европа е полна со рудници. Би сакале делови од нашата земја да изгледаат како Катар. Што мислите, како Катар го постигна тоа? Тие се наоѓаат во пустина, рече Букеле, алудирајќи дека ресурсите мора да се користат.

Претседателот ги увери граѓаните дека рудниците нема да влијаат врз нивниот живот.

- Рудниците зафаќаат помалку од 1 отсто од територијата. Не се веднаш до нашите домови. Никого тоа нема да го вознемири, додаде тој.

Букеле истакна дека резервите на злато на Ел Салвадор се проценети на три билиони долари, што е над 8.000 отсто од БДП. Дополнително, првичните студии покажуваат присуство на минерали како кобалт, никел и литиум, клучни за четвртата индустриска револуција.

- Студиите спроведени на само 4 проценти од потенцијалната површина идентификувале 50 милиони унци злато, кои денес се проценуваат на 131 милијарда американски долари, што е еквивалентно на 380 проценти од бруто домашниот производ (БДП), појасни Букеле. ссм/

фото: архива

Остани поврзан