• понеделник, 23 декември 2024

Елисејска палата: Околу алжирската војна и колонизацијата нема извинување

Елисејска палата: Околу алжирската војна и колонизацијата нема извинување

Париз, 20 јануари 2021 (МИА) - За да ги „помири спомените“, францускиот претседател Емануел Макрон ќе има неколку „симболични“ потези во наредните недели. Тој ќе претседава со три церемонии помеѓу 2021 и 2022 година, меѓу кои и националниот ден на харките (алжирските поддржувачи на Француското присуство, кои по независноста се преселија во Франција) и 60-годишнината од Договорите на Евијан со кои Алжир доби независност, јави дописникот на МИА од Париз.

Шест месеци откако нарача извештај од историчарот Бенжамин Стора „за колонизацијата и војната во Алжир“, минатиот јули, Емануел Макрон вечерва ќе ги добие заклучоците на историчарот. Сумирани во документ на 150 страници, синтезата воспоставува околу триесет „препораки“ што треба да овозможат „помирување на сите спомени и нивно целосно препознавање“ меѓу Франција и Алжир.

- Претседателот на Републиката сака да ја погледне историјата во лице, затоа што сака да изгради, искористувајќи ја оваа историја, меморија што е онаа на републиканската интеграција. Тој сака тоа да го споделат сите граѓани што ја сочинуваат нашата земја, без оглед на нивната култура или потекло, резимира еден советник на Елисејската палата.

„Три главни причини“ го мотивираа пристапот и го водеа одразот на шефот на државата од неговиот избор во 2017 година. „Првата е дека премногу осцилиравме меѓу негирањето и неизреченото од 60-те години. (...) Второто е дека претседателот може да ја иницира оваа работа затоа што тој не е ниту актер ниту посветен сведок (за овој период). (...) Третото е дека (...) вистината ја градат акти“. Ова е причината зошто Емануел Макрон направи избор на конкретни и „симболични“ гестови отколку да се оддаде на „покајание“.

„Не станува збор за извинување“, вели Елисејската палата. И ова, иако претседателот го одржува многу контроверзниот израз на „злосторство против човештвото“, што сметаше дека е соодветно да се користи за време на претседателската кампања во 2017 година. „За време на патувањето во Алжир, кога тој беше кандидатот, Емануел Макрон даде забелешки за колонизацијата за кои не жали денес“, посочуваат од француското претседателство.

Но, според него, „времето на полемика“ и семантичките дебати „се поминати“, претседателот на Републиката смета дека сега е потребно „да се направи нација“. „Покајанието е суета; признавањето е вистина. А, вистината се делата “, појаснува неговото опкружување, најавувајќи дека шефот на државата „ќе претседава со трите дена на комеморација“ во наредните месеци, имено: националниот ден на харките на 25 септември 2021 година; церемонија во спомен на „настаните“ од 1961 година, идниот 17 октомври; и 60-годишнината од Договорите во Евијан, 19 март 2022 година. Тоа е скоро еден месец пред првиот круг на претседателските избори.

Дотогаш, Емануел Макрон ќе се погрижи да пристапи до „добар број“ од препораките на Бенжамин Стора, вклучувајќи го особено „влегувањето во пантеон“ на феминистичката адвокатка Жизел Халими; „Изградба на споменик во Амбуза, прикажувајќи го портретот на Емир Абделкадер“; фактот на „доделување, во училишните програми, повеќе простор за историјата на Франција во Алжир“; овозможување наполесен пристап до архивите“ од двете страни на Медитеранот; „финансирање и одржување на гробовите на алжирските муслимански војници„ кои загинаа за Франција “. тг/

 

Остани поврзан