• петок, 05 декември 2025

Електромашинското средно училиште „Ристе Ристески Ричко“ произведува кадри за потребите на стопанството, но недостасуваат уште занимања

Електромашинското средно училиште „Ристе Ристески Ричко“ произведува кадри за потребите на стопанството, но недостасуваат уште занимања

Прилеп, 24 мај 2025 (МИА) - Прилепското електромашинско средно училиште „Ристе Ристески Ричко“ произведува кадри за потребите на стопанството, но недостасуваат уште занимања. Според директорката на училиштето Цветанка Ѓорѓиоска, дел од занимањата што недостасуваат во електро-машинските и технички дејности порано ги имале, но поради слабиот интерес се укинати. Сега треба да се вратат за пазарот на трудот, но мора да се работи на едукацијата за да се зголеми интересот.

- Недостасуваат заварувачи, машинобравари. Ние порано имавме такви занимања, но интересот беше слаб. Слабо ни се охрабруваат учениците за занаети. Можеби повеќе ќе треба да работиме со родителите кои ќе им го објаснат на децата значењето на изучувањето на занаетите, вели Ѓорѓиоска.

Прилепското електромашинско училиште почна четврта генерација од дуалното образование. Се спроведуваат два модели: германски и македонски модел на дуално образование и соработката е интензивна со шест-седум компании.

- Дел од учениците се вработувааат во компаниите, дел го продолжуваат образованието на високите школи и факултетите. Ефектите од дуалното образование се големи, зашто практичната настава е со зголемен број часови. Ги испорачуваме потребните кадри за стопанството, но сѐ уште недостасуваат занимањата. Во училиштето се четири, а од новата учебна година се воведува уште едно занимање што го бара пазарот на трудот- бравар, објаснува Ѓорѓиоска.

Ученикот Виктор Спиркоски е на насоката машински техничар за производно машинство. Задоволен е од практичната настава и вели неговото занимање е барано.

-  Многу сум задоволен од практичната настава. Ми нудат вработување, дополнително ќе одлучам што ќе правам, вели Спиркоски.

Давид Јорданоски е на насоката електротехничар за компјутерска техника и автоматика.

-Оваа струка има и програмирање и има изучување на струјата, а тоа е неопходно во денешното општество. Ќе продолжам на факултет, но немам никаков проблем за вработување, вели Јорданоски.

Според професорот по практична настава Наумче Танески, дополнителната опременост со роботика и индустриска автоматика ја зголемува можноста да се одговори на потребите на пазарот на трудот,  посебно за странските и домашни компании кои инвестираат.

- Овие кадри од елекромашинската и техничката струка ќе бидат од голем интерес за странските и нашите компании кои се прошируваат. Ќе бидат основа за проширувањето на производството, но и ќе бидеме основа за идната економија во овој дел на струките, вели Танески.

Прилепското електромаишнско училиште со 860 ученици е најголемо од петте средни училишта во градот. ем/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан