• понеделник, 23 декември 2024

ЕК предлага продолжување на привремената заштита на бегалците од Украина до 2026 година 

ЕК предлага продолжување на привремената заштита на бегалците од Украина до 2026 година 

Брисел, 11 јуни 2024 (МИА) - Европската комисија денеска донесе одлука да му предложи на Советот на ЕУ продолжување на мерката за привремена заштита на лицата кои бегаат од руската агресија врз Украина за уште една година од 5 март 2025 година до 4 март 2026 година, информира портпаролот на ЕК за правда, еднаквост и владеење на правото Кристијан Виганд.  

- Со оглед на континуираните руски напади врз цивилната и критичната инфраструктура низ Украина, во моментов не постојат сигурни и издржливи услови за враќање на овие лица во Украина. Оттука, Комисијата смета дека причините за привремената заштита и натаму постојат и дека таа треба да се продолжи за уште една година, како неопходен и соодветен одговор на актуелната состојба, додаде Виганд. 

Крајната цел на оваа мерка е да се осигура дека сите оние кои бегаат од руската агресија врз Украина ќе можат да најдат заштита во ЕУ, како и да им се обезбеди што е можно поголема сигурност на речиси 4,2-те милиони Украинци кои се опфатени со привремената заштита. 

Мерката за привремена заштита и овозможува непосредна заштита на овие лица и остварување на правата за престој, пристап до пазарот на трудот, сместување, социјална помош, медицинска и друга помош во ЕУ. Од друга страна, со неа им се овозможува на земјите-членки да се справуваат со бегалците од Украина на соодветен и ефективен начин. 

Предлогот за продолжување на мерката ќе биде претставен в четврток на заседанието на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ, кој треба официјално да го усвои. 

ЕУ ја воведе привремена заштита за бегалците од Украина на 4 март 2022 година со едногласна одлука на земјите членки. Таа беше автоматски продолжена за една година и дополнително уште во два наврати до 4 март 2025 година. Во моментов со неа се опфатени речиси 4,2 милиони раселени лица од Украина, од кои една третина се деца. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан