ЕК поднесе тужби против Белгија и Луксембург за неусогласеност со Директивата за право на пристап до адвокат
- Европската комисија денеска одлучи да ги даде Белгија и Луксембург на Судот на правдата на Европската Унија поради несоодветно усогласување со Директивата на ЕУ за право на пристап до адвокат и за комуникација по апсењето, информира портпаролката на ЕК за внатрешни работи и безбедност и миграција Анита Хипер.
Брисел, 7 февруари 2024 (МИА) - Европската комисија денеска одлучи да ги даде Белгија и Луксембург на Судот на правдата на Европската Унија поради несоодветно усогласување со Директивата на ЕУ за право на пристап до адвокат и за комуникација по апсењето, информира портпаролката на ЕК за внатрешни работи и безбедност и миграција Анита Хипер.
Според неа, крајниот рок за усогласување на земјите членки со Директивата бил ноември 2016 година, но утврдено е дека Белгија и Луксембург „неправилно се усогласиле“ со неа, по што во септември 2021 година Комисијата испратила писмо со формално известување до двете земји за оваа неусогласеност.
ЕК проценува дека Белгија, која е актуелен претседавач со ЕУ, не е усогласена во однос на правото на малолетници да имаат пристап до адвокат на конкретен и ефикасен начин и поради отстапување од правото на пристап до адвокат поради географска оддалеченост, како и во кривична постапка.
Белгиската Влада одговорила на овие забелешки, но според ЕК образложеното мислење на Белгија не обезбедило доказ за правилно усогласување со директивата, па затоа таа одлучила да ја тужи земјата пред Судот на правдата на ЕУ.
Во врска со Луксембург, пак, според ЕК, има недоследности околу одговорноста на родителот или старателот при лишување од слобода на дете. И во врска со луксембуршкото образложение Комисијата заклучи дека тоа не е соодветно, па реши и Луксембург да го тужи пред Судот на правдата. сп/
Фото: МИА Архива