• понеделник, 23 декември 2024

ЕК одвои 1,2 милијарди евра за зелена и енергетска транзиција на три региони во Бугарија 

ЕК одвои 1,2 милијарди евра за зелена и енергетска транзиција на три региони во Бугарија 

Брисел, 22 декември 2023 (МИА) - Европската комисија и додели на Бугарија 1,2 милијарди евра од Фондот за праведна транзиција (ЈТФ), како поддршка за отворање на нови работни места и економски активности во регионите на Стара Загора, Ќустендил и Перник, кои се соочуваат со најголеми социо-економски предизвици во процесот на исфрлање на јагленот од употреба и намалување на емисиите на јаглерод диоксид.  

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, дел од овие средства ќе бидат искористени за помош на Бугарија за остварување на климатските и енергетските цели на ЕУ до 2030 година, како и за обезбедување климатско неутрална економија до 2050 година. 

Покрај за транзицијата на термоцентралите на јаглен, средствата ќе бидат искористени и за обука, стручно усовршување и создавање нови можности за вработување за над 15.000 работници во трите региони, за рехабилитација на 2.190 хектари површина во индустриските области, изградба на капацитети за производство на енергија од обновливи извори, за зголемување на енергетската ефикасност на станбените згради и за поддршка на енергетски сиромашните домаќинства и ранливите категории граѓани.  

Се очекува со овие мерки да се придонесе за намалување на потрошувачката на енергија и на емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, како и за севкупно подобрување на условите за живот на граѓаните во овие региони. 

Извршниот потпретседател на Европската комисија за Европскиот зелен договор, меѓуинституционални односи и предвидливост Марош Шефчович оцени дека со доделувањето на помошта, станува видлива посветеноста на Европската комисија за обезбедување праведна транзиција и одржлива иднина. 

- Сега е време да се посветиме на извршување на овие планови, да го поттикнеме економскиот диверзитет, да ги зајакнеме малите и средни претпријатија, да ги поттикнеме иновациите, да ја усовршивме стручноста на нашата работна сила, да се посветиме на обновливите извори на енергија и да ја поддржиме циркуларната економија, додаде Шефчович. 

Според еврокомесарката за кохезија и реформи Елиса Фереира, од клучна важност е зелената транзиција на бугарската економија од најјаглеродно интензивна во ЕУ кон климатски неутрална, да се случи на фер начин.  

- ЈТФ ќе ги поддржи особено најпогодените работници и региони со инвестирање во нови можности за работа, обука и вештини за работниците и нивните семејства, со цел да имаат корист од економската диверзификација што ќе ја понудат обновливите извори на енергија и модерните бизниси и индустрија. Заедно, го отвораме патот за поконкурентна и позелена Бугарија, не оставајќи никого зад себе, истакна Фереира. 

Од Фондот за праведна транзиција, ЕУ доделува помош за 96 региони во ЕУ за реализација на 70 проекти за енергетска и зелена транзиција. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан