• сабота, 23 ноември 2024

ЕК нотираше несоодветни услови за малолетничките кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“ и побара законски измени

ЕК нотираше несоодветни услови за малолетничките кои издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“ и побара законски измени
Скопје,14 октомври 2022 (МИА) - Потребни се законски измени за пронаоѓање долгорочно решение за сместување и ресоцијализација на малолетнички кои дошле во судир со законот и на кои им е одредена мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, со оглед на тоа што во моментов девојчињата, кои треба да ја отслужат оваа мерка, се сместуваат во затворски услови во женското одделение на затворот Идризово, каде немаат соодветна грижа, едукација и ресоцијализација, нотира Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија. Во делот кој се однесува на основните права, кадешто се сместени и правата на децата, ЕК ги даде препораките за овој проблем што во јавноста го откри МИА во серијата стории кои ги работеше во соработка со платформата „Само прашај“ на Институтут за комуникациски студии, а се однесуваа на условите во кои се сместуваат децата кои дошле во судир со законот и на кои им е изречена мерката „упатување во Воспитно-поправен дом“, како и за правата кои тие таму ги остаруваат. Меѓу другото откри и дека тие деца, во период од една година биле лишени од правото на основно образование. МИА во сториите пишуваше и за момчињата и за девојчињата, а во најновиот извештај, ЕК се осврнува и на состојбата во ВПД-Тетово, каде се сместени машките деца. ЕК нотираше подобрување на условите за сместување на малолетниците во објектот на Воспитно-поправниот дом во Волковија. Сепак, забележува дека во периодот меѓу септември 2021 и јуни 2022 година тие немале пристап до образование. - Објектот е на оддалечена локација, што го прави непогоден за постигнување на целите за ресоцијализација и рехабилитација, се додава во извештајот на ЕК. Преку сториите, „Децата упатени во Воспитно-поправен дом лишени од задолжителното образование“, „Антоски за МИА: Очекуваме наставата за штитениците во ВПД-Тетово да почне месецов“, „Со доследно применување на Законот за правда на деца до намалување на деликвенцијата“, „Образованието на децата во Воспитно-поправен дом бара системско решение“, „Една година „воспитување“ без образование за штитениците во ВПД, се очекува процесот да продолжи во септември“ и „За иста мерка, момчињата во Воспитно-поправен дом, девојчињата во затвор“, МИА откри дека во Воспитно-поправните установи во нашата држава нема образовен процес веќе цела година иако, според закон, е задолжителен, и дека девојчињата кои ја издржуваат оваа мерка, за разлика од момчињата, се сместени во несоодветни услови во адаптирана соба во ходник во рамките на КПУ Идризово. Откако го објави серијалот стории, МИА постојано ја следи состојбата и во однос на образованието на малолетниците, кои според наши информации, по едногодишната пауза повторно се одвива, како и за состојбата со малолетничките кои се сместени во несоодветни затворски услови. Според информациите кои ги добивме минатиот месец, во Воспитно-поправниот дом Идризово, каде се сместуваат женски деца кои дошле во судир со законот, а на кои им е изречена мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, во моментов нема штитенички, бидејќи на трите девојчиња кои биле таму им е истечена мерката. Во ВПД-Идризово девојчињата се сместуваат во посебен простор, кој сепак е дел од затворот и кој не е приспособен за издржување на оваа мерка, така што штитеничките кои пристигнуваат таму всушност се изложени на влијанија од полнолетните женски лица кои издржуваат мерка затвор. Но, моменталното немање штитенички не е решение за проблемот. Судијата Лазар Нанев минатиот месец на прашање на МИА за условите на девојчињата во ВПД информира дека женските деца кои се наоѓале во одвоениот дел во Идризово, се отпуштени. На прашањето што доколку има потреба од упатување други девојчиња во ВПД, Нанев рече дека сè уште нема институција исклучиво за девојчињата, бидејќи ВПД во Волковија е само за момчиња, така што, тие би биле сместени повторно во Идризово. - Не можат да бидат сместени и девојчињата и момчињата во иста градежна целина. Исто ќе бидат сместени. Ние сè уште немаме посебна институција исклучиво за женски лица, и нормално, најголемиот дел од критиките доаѓа токму од меѓународната заедница во која насока треба да се движи државата. Една од нашите активности е токму во делот дека државата мора во наредниот временски период да изнајде решение, односно да создаде институција која според своите архитектонски градежни решенија ќе биде издвоена од КПД Идризово каде што казната ја издржуваат полнолетни машки и женски лица, додаде Нанев. МИА ја отвори оваа тема при посетата на ВПД - Волковија, каде забележавме одлични просторни услови за издржување на оваа мерка, меѓутоа, објектот е наменет само за момчиња. Девојчињата на кои им е определена ова мерка се упатуваат во Идризово. Во сторијата на МИА за условите во импровизираниот ВПД за девојчиња во Идризово беше објавено дека кога имаат потреба од нешто, малолетничките, сместени во адаптирана соба во ходник во рамките на Казнено-поправната установа Идризово, се принудени да викаат преку прозорецот од тоалетот, бидејќи немаат уред за повик до службите. Овие штитенички, спротивно на законот, беа сместени во просторија која не обезбедува целосна изолација, односно оневозможување контакт со осуденичките со кои се во допир при добивање на храната и при користење слободно време за прошетка на отворено. Малолетничките беа сместени во една трошна и студена просторија за која во разговор со екипата на МИА изјавија дека понекогаш нема и вода. Единствена активност таму им е цртањето и прошетката во дворот, што го делат со останатите возрасни затворенички и за кој мора да чекаат слободен термин. За разлика од нив, штитениците во Воспитно-поправниот дом - Тетово, каде беа сместени 21 момче, имаат уредни, опремени соби, тоалети, училници, вежбалница, игралишта на отворено, менза, работилници и многу други алтернативи со кои на креативни начини го исполнуваат нивното слободно време. Со штитениците во Волковија работи тим од воспитувачи, како и психолог, педагог и социолог, додека, во Идризово, малолетничките имаа само една воспитувачка која ја делат со сите останати затворенички. По сторијата на МИА, за нееднаквиот третман на девојчињата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на 17 март 2022 година донесе одлука да поведе постапка по службена должност заради постоечки индиции за дискриминација врз основа на пол, род. Народниот правобранител на Република Северна Македонија, исто така, по сторијата на МИА оствари вонредна посета на КПУ Идризово, адаптираната просторија наменета за издржување на мерка „упатување во воспитно-поправен дом“, при што констатираше дека условите се несоодветни и образованието изостанува, и повика на решавање на проблемот. Штитеничките потоа ги посети и министерот за правда, Никола Тупанчески, и директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски. Министерот Тупанчески во мај во изјава за МИА истакна дека девојчињата што издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, во несоодветни услови во КПУ Идризово, ќе бидат префрлени во ВПД-Тетово по обезбедувањето на кадровските услови.

Тој тогаш информира дека како резултат на забелешките на Народниот правобранител, Министерството за правда заедно со директорот на Управата за извршување на санкции, оствариле најавена посета на Казнено-поправната установа Идризово, а главниот повод, како што рече, бил во врска со девојчињата и забелешките кои се однесуваат на нивниот третман.

- Разговаравме и со директорот на затворот, меѓутоа разговаравме и со штитеничките. Во таа насока се обидовме уште еднаш на самото место да констатираме каква е состојбата. Во однос на тоа каква била претходно, има подобрување. Дали е соодветна, морам да ви кажам дека треба уште да работиме на таа проблематика. И она кое што беше како заклучок или како предлог, се движиме во насока, претпоставувам дека знаете дека ќе има префрлување, да, со тоа што има една работа што прво мора да се реши. Значи, потребни се службени лица од женски пол кои што ќе се грижат за девојчињата таму. Просторни услови има. Нема вработени во моментов, меѓутоа, дефинитивно се обидуваме или да вработиме нови или да прераспределиме од оние кои што во моментов се вработени, рече тој.

Во врска со крајниот рок, Тупанчески тогаш рече дека би требало да се реализира колку што е можно поскоро и дека не сакаат проблемот да биде решен само за трите малолетнички кои ја издржуваат мерката, туку системски.

- Знаеме дека работата не дозволува многу толерирање, не дозволува многу одлагање. Разговарав со директорот и рече дека прво ќе се обиде со изнаоѓање лица од КПУ Идризово да можат да бидат преместени во Тетово, во Волковија, потоа ќе видиме како ќе се движиме во таа насока. Со тоа што, знаете што, не го решаваме проблемот и не сакаме да го решиме само за овие тројца малолетници, туку напротив, воопшто, системски, затоа што имаме ние и други лица кои што исто така се под 18 години, а се на издржување на казната и исто би сакал и тие лица да бидат составен дел кај што ние како држава сме вложиле многу. Значи, просторни услови имаме, сега останува кадровските услови да ги обезбедиме. Знаете дека не е лесно, меѓутоа, дефинитивно работиме на таа проблематика и мислам дека ќе имаме резултати, изјави тогаш Тупанчевски.

И додека траат толкувањата за тоа како треба да се реши проблемот, забелешките на Европската Комисија се јасни. Условите за малолетничките се несоодветни, постои проблем, а за негово долгорочно решавање потребни се законски измени. За овој серијал стории новинарите на МИА Ана Цветковска, Борис Куноски и Ангела Рајчевска го освоија првото место на конкурсот за најдобри новинарски стории за инклузивно известување за различностите за време на Ковид-19 кој го спроведува Советот за етика во медиумите (СЕММ), со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. ац/сп/

Остани поврзан