• петок, 15 ноември 2024

ЕК нема посебни правила за содржината на твитовите на еврокомесарите

ЕК нема посебни правила за содржината на твитовите на еврокомесарите
Брисел, 20 април 2020 (МИА) – Европската Комисија (ЕК) нема забелешки за твитовите на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, и не постојат правила во оваа институција во однос на содржината објавена на социјалната мрежа, изјави денеска портпаролот на ЕК, Ерик Мамер. Во текот на изминатиот викенд, еврокомесарот за проширување сподели објава од италијанската екстремна десница, партијата „Фратели д’Италиа“, предизвикувајќи бура од реакции во медиумската заедница во Брисел, посебно кај италијанските новинари. Запрашан за реакција, портпаролот на Европската Комисија, Ерик Мамер, на денешниот редовен брифинг за новинарите во Брисел, порача дека институцијата е задоволна со дополнителното објаснување објавено од самиот Вархеји, кусо по контроверзата. Во твитот Вархеји напиша дека немал „намера да се инволвира во италијанската политика ниту да поддржи посебна партија“. - Мојата порака е споделена солидарност со Италија, се наведува во твитот. Со оглед на тоа дека Оливер Вархеји е предложен од страна на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, реакциите во медиумите и критичарите на унгарската власт сметаат дека е проблематично еврокомесарот, од сите можни италијански политички фигури, да објави твит токму од екстремната десница. Долгогодишниот италијански дописник во Брисел, Давид Карета, нагласи дека од италијанска перспектива е контроверзно член на Европската Комисија да објавува твит на политичка партија, која е експлицитно против активирањето на европскиот механизми на солидарност на ЕУ и отворено анти-ЕУ. На прашање дали Европската Комисија има правила за однесувањето на еврокомесарите на Твитер, Мамер изјави дека не постои посебен кодекс на однесување на социјалните мрежи, но дека еврокомесарите се должни да ги почитуваат правилата и вредностите на повелбите на ЕУ. тм/ми/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан