• вторник, 27 јануари 2026

ЕК за најавата за судско оспорување на забраната за увоз на руски гас: Земјите членки имаат право да тужат, а ние да се браниме

ЕК за најавата за судско оспорување на забраната за увоз на руски гас: Земјите членки имаат право да тужат, а ние да се браниме

Брисел, 27 ноември 2026 (МИА) - Земјите членки на ЕУ имаат право да го оспорат пред суд секој законодавен акт и кога ќе се случи такво нешто, Европската комисија има право да ја брани својата позиција - изјави денеска портпаролката на ЕК за енергија, Ана-Кајза Итконен, на коментар на најавите на Унгарија и Словачка за поведување постапка пред Европскиот суд на правдата против регулативата за постепена забрана за увоз на руски гас, што беше усвоена вчера.

- Кога некоја од нашите земји членки законски ќе го оспори нашето законодавство или одлуките што сме ги донеле, наш приоритет секогаш е да соработуваме со тие земји членки, во овој случај со Унгарија и Словачка. Поради специфичните ситуации во кои се наоѓаат двете земји, тоа го правиме од самиот почеток и ќе продолжиме со овие активности - рече Итконен.

Според неа, ЕК ќе продолжи да соработува со Унгарија и Словачка и ќе ги поддржува во нивните напори за енергетска диверзификацијата при постепеното укинување на увозот на рускиот гас.

Таа додаде дека во овој момент не би сакала да навлегува во шпекулации за тоа што би можело да се случи со регулативата или што ќе се случи со судската постапка.

- Наши приоритети се да ја имаме регулативата и да нè однесе онаму каде што сакаме да стигнеме веќе долго време со поддршка на огромното мнозинство од нашите земји членки, а потоа ќе преземеме законски чекори или постапки како што ќе се појавуваат - рече Итконен.

Главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо, додаде дека ова не е првпат земји членки да поднесат тужба против законодавство на ЕУ, но Комисијата секогаш цврсто стои зад законските документи што ги предложила, кои се изработени на солидна правна основа.

- Оттаму, уверени сме дека сме во позиција да ја браниме оваа регулатива, која е поддржана од најголемиот број земји членки - додаде Пињо. сп/јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан