• петок, 05 декември 2025

ЕК за изјавите на Путин: Зеленски е легитимно избран претседател на Украина

ЕК за изјавите на Путин: Зеленски е легитимно избран претседател на Украина

Брисел, 28 ноември 2025 (МИА) - Володимир Зеленски е демократски избран претседател на Украина од страна на украинскиот народ, рече главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо во коментар на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Зеленски „не е доволно легитимен за да потпише каков било мировен договор“.

- Очигледно е дека Путин има одредени потешкотии да го признае демократски избраниот претседател на неговата соседна земја Украина, рече Пињо.

Таа додаде дека за ЕУ работите се сосема јасни и очигледно е дека таа соработува и ќе соработува со Зеленски и дека го поддржува.

- Претседателот Зеленски вложува многу напори за конечно да се стави крај на оваа ужасна војна и да се постигне мир, истакна Пињо.

Запрашана дали унгарскиот премиер пред денешната посета на Москва контактирал со ЕУ и дали ќе му пренесе на Путин некаква порака од Брисел, Пињо одговори дека пораката од Европската Унија до Русија е многу јасна.

- Апелираме до Москва и до оној што ја води земјата, претседателот Путин, да дојде на преговарачката маса. Тоа е пораката до Москва и до секој гласник до Москва, рече Пињо. сп/сд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан