• петок, 05 декември 2025

Еко Герила: Да не се дозволат градби без стандарди и безбедност во Тетово

Еко Герила: Да не се дозволат градби без стандарди и безбедност во Тетово

Тетово, 2 јуни 2025 (МИА) - Здружението Еко Герила во соопштение информираше дека многу граѓани на Тетово се соочиле со масовна прашина како резултат на уривањето на зградата на поранешен Монопол, на влезот во градот. Поради бројните реакции и загриженоста на жителите, движењето Еко Герила бара надлежните органи на Општина Тетово да бараат одговорност за непочитувањето на законските одредби за градба од страна на компаниите што ги изведуваат работите, со посебен акцент на законот за безбедност при работа и загадување на животната средина. 

-Бараме итен увид во работите од страна на Градежниот инспекторат и Еколошкиот инспекторат. Бараме да се провери дали работниците се соочуваат со опасни услови за работа, без соодветна заштитна опрема и без спроведување на правилата за техничка безбедност. Ова може да биде сериозно кршење на нивните права и сериозна закана за здравјето и животот, велат во соопштението од Еко Герила. 

Според нив, емисијата на прашина во големи размери не само што му штети на квалитетот на воздухот, туку го загрозува и здравјето на граѓаните, особено на оние со респираторни заболувања.

Морална и законска обврска е да се обезбеди градежните проекти да се изведуваат безбедно и во согласност со стандардите, заштитувајќи ги интересите на сите. Развојот на градот не треба да биде на сметка на здравјето и благосостојбата на граѓаните. Исто така, заштитата на приватниот и јавниот имот околу градежната зона треба да биде приоритет за време на градбите. Во оваа прилика, повикуваме на заеднички ангажман на сите за да се спречи културата на неказнивост, велат од Еко Герила. ас/аа/

Фото: Фејсбук Еко Герила

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан