• четврток, 04 декември 2025

Еко активисти незадоволни од текот на климатските преговори во Бон

Еко активисти незадоволни од текот на климатските преговори во Бон

Бон, 26 јуни 2025 (МИА) – Климатските преговори во германскиот град Бон денеска завршија без значаен напредок, што предизвика разочарување кај еколошките организации. Разговорите, кои траеја десет дена, беа дел од подготовките за претстојната Конференција на ОН за климатски промени што ќе се одржи во ноември во Бразил, јави ДПА.

- Се разговара небаре имаме уште децении на располагање, изјави Јанес Стопел од Гринпис. Според него, напредокот бил минимален. Слична оцена даде и портпаролот за клима на Оксфам, Јан Ковалциг, кој нагласи дека дел од темите морале да бидат префрлени за самитот во ноември поради недостиг на консензус.

Раководителката за клима во ВВФ Германија, Вивијан Радатц, исто така оцени дека нема вистински напредок. Единствено организацијата Германвоч го оцени состанокот како „технички мал чекор напред“, додавајќи дека бил демонстриран капацитетот на меѓународната заедница да функционира и без учество на САД. Претходно, претседателот Доналд Трамп најави повлекување од Парискиот договор.

Според германскиот државен секретар за клима, Јохен Фласбарт, состанокот во Бон бил „важен тест на реалноста“. Тој нагласи дека околу 200 држави ќе треба до крајот на 2025 година да достават ажурирани климатски планови што ќе ги покажат мерките за намалување на емисиите до 2035 година, во согласност со ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени. ссм/

фото: архива

Остани поврзан