• недела, 22 декември 2024

„Ековита” стравува околу најавената фабрика за обработка на отпад, Заев тврди дека е еколошка инвестиција и ќе нема увоз на отпад

„Ековита” стравува околу најавената фабрика за обработка на отпад, Заев тврди дека е еколошка инвестиција и ќе нема увоз на отпад
Кавадарци, 10 јули 2021 (МИА) - Здружението на граѓани „Ековита” од Неготино  стравува околу најавената фабрика за обработка на отпад, што треба да се гради во близина на оваа општина, а премиерот Зоран Заев тврди дека се слуша гласот на народот, станува збор за еколошка инвестиција, како и дека ќе нема увоз на отпад. Заев кој вечерва се обрати на јавната трибина посветена на оваа инвестиција, рече дека со изградба на фабрика за создавање енергија од цврст отпад ќе се реши проблемот со загадувањето од нелегалите и дивите депонии, што пдразбира спречување на емисиите на отровите гасови, ќе се запре загадувањето на почвата и подземните води, микробиолошкото загадување и ќе се спречи појавата на неконтролирани пожари во депониите од кои дополнително се загадува воздухот. -Ќе се запре загадувањето кое произлегува од палењето на земјоделските отпад на отворено. Конечно, како во напредните европски земји ќе се создават капацитети за трансформација на отпадот во обновлива енергија и суровини. Инвестиција ќе го потикне економскиот развој со отварање на нови работни места, ангажирање на голем број локални компании и со оваа инвестиција ќе се зголеми можноста за намалување на користењето на фосилни горива, рече Заев. Проектот, како што наведе Заев, е поддржан  од Грин инвестмент од Луксембург и имаат намера да биде изведен на најтранспарентен начин. Тој побара поддршка од неготинци за изградба на фабриката и прецизираше дека се работи за инселератор со примарната селекција на отпад и кој работи на бескислородоно согорување, односно, нагласи, нема оџак и е затворен систем. Претседателот на Здружението на граѓани, „Ековита” од Неготино, Сашко Тодоров рече дека се против најавената стратешка инвестиција. -Не сакаме т.н зелена гасна централа која ќе согорува комунален отпад, на неготинци не им треба таква енергија од отпад, вака се изјаснија и тие што ги анкетиравме во градот и две села, истакна Тодоров. Тој  рече дека според информациите со кои располагаат, од најавената инвестиција во Дуброво за горење на комуналниот отпад,  се очекувало да се собираат и третираат помеѓу 700.000 и 1 милион тони годишно отпад, во срцето на Тиквешијата.   Но, нагласи, има голем проблем тука, од податоците на Заводот за статистика за 2020 година, од  пет плански региони или 48 општини, се собира само 334 404 тони комунален отпад, или во цела Македонија се собира вкупно 630 096 тони отпад. Постои опасност, инвеститорот за да ги задоволи своите потреби на централата, милион тони годишно отпад, да увезува отпад и тоа ќе го чини многу поевтино отколку да го собира и селектира од Македонија. Градот на грозјето ќе биде град на отпадот, рече претседателот на „Ековита”. Премиерот Заев рече дека се слуша гласот на населението, станува збор за еколошка инвестиција и нема да се дозволи увоз на отпад. Трајно и комплетно решение со отпадот за 74 проценти од територијата на државата, односно трајно решение за комуналниот отпад на 48 проценти од населението, рече Заев. Со проектот е предвидена изградба на збирни и претоварни станици и збирни потстаници во 48 општини, набавка на комунални возила за собирање на смет, метални и пластични комунални контејнери, како и асфалтирање на патна делница од пет километри до село Дуброво во Општина Неготино. Во рамки на фабриката постои и посебен дел за уништување на медицинскиот и отпадот од животинско потекло. На јавната дебата во организација на Општина Неготино во Домот на културата се обратија и Лазе Филипов, проект менаџер на „Зока Енерџи Солушн”, кој се осврна на поединостите околу овој проект и најавената фабрика, Иво Креча,  претставник на „Грин Инвесмент“, говорејќи за позитивното искуство со ваква фабрика во Цеље, Словенија, како и градоначалникот  на Неготино, Тони Делков.свд/лв/  

Остани поврзан